Осум пратеници го напуштаат ИТН, Трифонов обвинува: „Tие што ме напуштија се купени и предавници“

од Берта Китинска

Лидерот на „Има таков народ“ (ИТН), Слави Трифонов, потврди дека дел од неговите пратеници ќе го напуштат и обвини дека тие се купени.

„Штотуку добив информација дека пратеници од ИТН ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев. Најверојатно се купени со пари и функции. Ќе се види кој што ќе стане. Не мора да бидам гатачка за да знам дека ќе кажат многу лаги и измислици во стилот на Кирил и Асен само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират грижата на својата совест. Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците. Дури и оние што имаат корист од нив“, напиша Трифонов на Фејсбук.

Пратеници од партијата на Трифонов кои ја напуштаат парламентарната група се очекува да му дадат поддршка на премиерот Кирил Петков, пишуваат бугарските медиуми.

Според објавата, осум пратеници му свртеле грб на Трифонов. Oд партијата на Петков потврдија дека течат разговори со колегите од „Има таков народ“, но засега поддршката не е доволна за да се стигне до неопходното мнозинство од 120 пратеници. Недостасуваат четворица.

Слични содржини