ОТА демантира дека подготвувала драфт-договори со Грчката разузнавачка служба: Не го користиме „Предатор“

од Nikola Popovski

Македонската Оперативно-техничка агенција (ОТА) демантира дека имала нацрт договор со Грчката разузнавачка служба за користење на „Предатор“, кој е нелегален софтвер за прислушување. Велат дека во јавноста циркулираат на дезинформации и невистини, непринципиелно превземени и пласирани во дел од медиумите, чија цел е и напад над професионалниот интегритет и работењето на ОТА.

-Во врска со таквите објави, чувствуваме обврска и одговорност да истакнеме дека ОТА нема споделено доверливи информации, не подготвувала драфт договори, ниту има потпишано било какви договори или меморандуми за соработка со ниту една странска безбедносно-разузнавачка служба, вклучително ни со грчката национална разузнавачка служба (ЕИП), особено не за користење на софтвер за прислушување. Со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не се користи споменатиот софтвер и нејасна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со минатогодишните настани во Р.Грција, стои во соопштението.

Оттаму истакнуваат дека од своето формирање до денес, ОТА гарантира дека следењето на комуникациите кое се врши преку ОТА и операторите се спроведува исклучиво во законска, строго утврдена постапка, единствено по издадена судска наредба.

-ОТА немала, нема и нема да има пристап до содржината на следената комуникација и незаконско или масовно следење на комуникациите преку ОТА технички не е, ниту ќе биде возможно. ОТА е самостоен и независен државен орган и нејзиното работење нема поврзаност со извршната власт без разлика на нејзиниот состав. Во таа смисла ОТА останува посветена на професионалното работење без било какви влијанија ниту поврзаност со политички интереси и партиски агенди, велат од ОТА преку соопштение.

Слични содржини