Отфрлена тужбата на Трамп против Хилари Клинтон

од Nikola Popovski

Окружниот суд во Флорида денеска ја отфрли тужбата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп против Хилари Клинтон, неговата ривалка на изборите во 2016 година, во која тој тврдеше дека таа и другите демократи измислиле наводи за руско мешање во изборниот процес.

Судијата Доналд Мидлбрук во образложението наведе дека во тужбата не се бара надомест на никаква правна штета.

„Тој сака да се пофали со политички манифест од 200 страници во кој изнесува жалби против политичките противници“, се вели во пресудата.

Во неа се додава дека тужбата на Трамп нема суштина и правна основа, што се обидува да ги замени со должина, хипербола и пресметка, пренесува Ројтерс.

Мидлбрук изјавил и дека Трамп предолго чекал да поднесе жалба, пречекорувајќи го законскиот рок на застареност и дека не успеал да докаже дека е оштетен од некакви невистини, пренесува Танјуг.

Во март, Трамп ја тужеше Хилари Клинтон, демократскиот претседателски кандидат за 2016 година, и други демократи за наводно „рекетирање“, „заговор за прикажување на штетна лага“ и други тврдења што тој постојано ги изнесуваше за време на неговите четири години од функцијата во Белата куќа.

Тој побара компензација и казнена отштета, тврдејќи дека имал трошоци во износ од повеќе од 24 милиони долари за одбрана, правни такси и поврзани трошоци.

Адвокатот на Трамп, Алина Хаба, рече дека поранешниот претседател веднаш ќе поднесе жалба на одлуката.

Слични содржини