Пандев: Најитно треба да се тргнат луѓето од ФФМ на чело со Сејдини

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев со огнени стрели распука против раководството од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), предводено од претседателот Муамед Сејдини. Пандев во интервју во емисијата Студио 10, на телевезијата 24 вести зборуваше за актуелни теми, поврзани со фудбалот на клупски и репрезентативен план. Пандев ги обвини челниците дека не биле среќни за победата над Косово, пласманот на ЕП после победата над Грузија и дека Првата лига е аматерска и однапред се знае кој, каде и во кое натпреварување ќе игра.

„Она што најитно треба да се направи за македонскиот фудбал е да се тргнат луѓето од Федерацијата на чело со Сејдини и да дојдат луѓе кои знаат и имаат идеја. Пример нека им биде Ракометната федерација. Видете, не е фудбалот само, ние да фрламе пари, а Сејдини и некои негови другари да кажуваат вака треба, така треба, а да нема никаков напредок во мак-фудбалот“, истакна Пандев.

Тој додаде дека нема амбиции за позицијата претседател на ФФМ, но подготвен е да помогне ако има потреба за напредок на македонскиот фудбал.

„Според мене, моментално македонската лига е најаматерската и најнаместена, најнекоректна лига во цел свет. Нашата Федерација не прифаќа никакви закони, еве кажете, да претпоставиме и да сакам јас или било кој друг, како да се кандидираме за претседател на ФФМ. Јас не знам како државата дозволува да се одржуваат вакви собранија. Лани, раководството го прекина првенствово. Ние вложивме 600.000 евра и денес сите ќутат, како е тоа можно. Има неколку луѓе кои командуваат во нашата лига. Да не навлегуваме многу со имиња, но кај нас се се знае однапред, кој ќе игра Лига шампиони, кој Лига Европа. Рака на срце, Шкендија да, сопственикот инвестира, има услови, но видете го Вардар во каква состојба е. Јас лично, сакам да видам проект, да знаеме зошто вложуваме. Не може 10 дена пред натпревар да се знае кој ќе и суди на Академија Пандев сите си ќутат и никој ништо не збори. Зошто е тоа така, треба да го прашаме претседателот. Видете кои луѓе одлучуваат за мак фудбалот и се ќе ви стане јасно. Не е нормално од прволигашите да нема делегати на Изборно собрание, да нема делегати од Шкендија, од Македонија ЃП, од Работнички, од други прволигаши, тоа е невозможно. Мислам дека ФФМ не почитува никаков закон, ако воопшто постои закон. Во Италија, претседател избираат клубовите од прва, втора и трета лига“, посочи Пандев.

Слични содржини