Платини и Блатер ослободени од обвиненијата за корупција

од Vladimir Zorba

Поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини и поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер денеска беа ослободени од обвиненијата за корупција по пресудата на Федералниот кривичен суд во Белинцона, Швајцарија.

Обвинителството го обвини Блатер дека незаконски и дозволил на ФИФА да му плати на Платини два милиони швајцарски франци во 2011 година.

Швајцарецот, кој беше на чело на ФИФА 17 години, тврдеше дека тоа е џентлменски договор меѓу него и Платини и дека Французинот ги добил парите за консултантски услуги што ги извршувал во 1998 година.

Платини и Блатер во 2015 година беа исфрлени за осум години од фудбалот, но подоцна казните им беа намалени.

Французинот тврдеше дека аферата била подметната против него за да не може да се кандидира за претседател на ФИФА.

Наместо Платини, на изборите се кандидираше тогашниот генерален секретар на УЕФА, Џани Инфантино, кој денес е прв човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

По пресудата на судот во Белинцона, Платини изјави дека правдата е задоволена.

„Сакам да изразам среќа за сите мои најблиски бидејќи правдата конечно е задоволена по седум години лаги и манипулации. Мојата борба е борба против неправдата. Ја добив првата битка“, рекол Платини, пренесе Ројтерс.

Слични содржини