Почна ревизијата за автопатот Кичево-Охрид, се појавиле 11 нови свлечишта на трасата

од Nikola Popovski

Во моментов во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции, во однос на автопатот Кичево-Охрид.

Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експрет за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.

-Ова е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата на Република Северна Македонија ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект, појаснуваат од Министерството.

Дополнително, информираат дека појавени се единесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експрети кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.

-Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата на Северна Македонија е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите  активности за негова реализација, стои во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

Слични содржини