Прифатени петициите на косовските Срби: Во април се гласа за смена на претседателите на српските општини

На изборите во април 2023 година излегоа само околу 3,5 отсто од вкупно 45.950 гласачи на избирачките списоци во четирите косовски општини во кои Србите претставуваат 95 отсто од населението

од Бети Божиноска

Централната изборна комисија во Приштина денеска ги прифати граѓанските петиции за смена на градоначалниците на општините на северот на Косово и закажа гласање на 21 април, по кое, ако биде успешно, ќе се организираат нови избори, пренесува РТ.

На гласањето на 21 април ќе бидат потребни 50 отсто плус еден гласач од избирачкиот список да гласаат за смена на претседателот на општината.

Актуелните претседатели во општините Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, кои се од албанска националност, беа избрани на избори минатата година кои беа бојкотирани од мнозинското српско население.

На изборите во април 2023 година излегоа само околу 3,5 отсто од вкупно 45.950 гласачи на избирачките списоци во четирите косовски општини во кои Србите претставуваат 95 отсто од населението.

Верификацијата на потписите за смена на албанските градоначаници во четири општини на северот на Косово ЦИК ја заврши на 1 март.

Претходно, претставниците на Србите ги напуштија сите институции на северот на Косово под патронат на Приштина незадоволни од нејзините одлуки, одбивањето да се формира Заедницата на српските општини и од распоредувањето на припадници на косовската специјална полиција на северот од земјата.

 

 

 

 

Слични содржини