Професори од УКИМ ја обвинија ректорката Ангелова за злоупотреба на службената положба

од Nikola Popovski

Група професори од државниот универзитет „Кирил и Методиј“ утрово преку соопштение ја информираа јавноста дека до Комисијата за спречување на корупција доставиле пријава за прекршување на Законот од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова. Тие тврдат дека повеќегодишното неетичко и незаконско постапување на ректорот Биљана Ангелова има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.

-Информациите во Пријавата, јасно укажуваат на постапување со кое личниот интерес и интересот на приватниот бизнис, за ректорот Биљана Ангелова може да е поставен високо над интересот на Универзитетот, до степен што Универзитетот веќе е сериозно загрозен. Затоа, со оглед и дека претходно, седум години, лицето Биљана Ангелова беше проректор за финансии, инвестиции и развој, Пријавата ја доставивме со голема загриженост дека тонењето на Универзитетот се случува поради личните и бизнис интереси на актуелниот ректор, а претходно проректор, спротивно на Законот, стои во соопштението од професорите.

Тие обвинуваат дека ректорката Ангелова, спротивно на законот се уште е член на органи на управување со неколку приватни компании.

-Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот „Винчини“ и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Уште во моментот кога беше избрана за член на Надзорниот одбор, а беше проректор, таа го има прекршено Законот, а прекршувањето продолжува и по нејзиното стапување на функцијата ректор. Со Пријавата известивме и за неетичко и можно незаконско постапување на лицето Биљана Ангелова и со нејзиното членување во одбори на други субјекти – трговски друштва, се наведува во соопштението.

Тие и забележуваат на актуелната ректорка дека била потписник на иницијативата за повторно кандидирање на Ѓорге Иванов за Претседател на државата, каде по негов предлог станала претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Во 2016 година се поврзале двете активности на Биљана Ангелова. На нејзин предлог како претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија, Претседателот на Република Македонија доделил Орден за заслуги за Македонија на Народна банка на РМ, а таа има добиено согласност од страна на Народна банка на РМ по првпат да биде член на Надзорниот одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Во конкретната ситуација, Биљана Ангелова требала да се изземе од давање на предлогот и од гласање по истиот, и од морални причини. Оваа согласност за орган на управување во банка ја доби непосрено откако веќе беше избрана за проректор на Универзитетот.

-Во периодот од 2014, и пред добивање согласност од Народна банка на РМ, со членувањето во органите на приватната Академија, за приватниот интерес, Биљана Ангелова директно соработувала со раководно лице во Народна банка на РМ кое имало важна улога во постапката за издавање на согласност за член на Надзорен одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Ангелова и лицето од Народна банка на РМ (раководна позиција важна за издавање на согласноста на Ангелова) биле членови на Управниот одбор кој ги застапува и финансиските интереси на приватната Академија.

Кај професорите кои стојат зад иницијативата постои страв од од користењето на контактите и здружувањето за приватни и бизнис интереси како карактеристика на лицето Биљана Ангелова, што можат да се одразат или веќе се одразуваат на Универзитетот, притоа тие бараат Комисијата за спречување корупција за постапи по секоја од наводите да и за донесените одлуки да ја информира јавноста, стои во соопштението на професорите.

Слични содржини