„Прво сертификат, па кафе“: Започна применувањето на мерките против невакцинираните

од Берта Китинска

Од денеска на сила стапија новите ковид-мерки. Вработените во кафулињата прво бараат сертификат за вакцинација, па потоа ги примаат нарачките од гостите.

На сила стапуваат новите ковид мерки.

„Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18-годишна возраст. Лице ќе може да влегува во угостителски објекти и на настани ќе може и со потврда за прележан ковид, но само во првите 45 дена сметајќи од денот кога оздравело. По завршувањето на првите 45 дена од прележувањето, и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина. Граѓаните кои од 16 август ќе бидат затекнати во објект или на настан без потврда ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице“.

Министерот за здравство денеска информираше дека состојбата со вирусот станува се посериозна.

-Менаџирањето на ситуацијата индицира сериозна потреба од одговорност од страна на граѓаните, особено од денеска кога на сила стапуваат новите мерки. Процесот на вакцинација се одвива непречено на сите пунктови низ државата и се надеваме дека овој тренд на зголемена заинтересираност и натаму ќе продолжи. Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, информираше на Фејсбук Филипче.

Слични содржини