Работодавачи: Разумот да биде двигател во преговорите за минималната плата

од Vladimir Zorba

Организацијата на работодавачи достави контра предлог за измени и дополнувања на Законот за минимална плата.Во дописот до Министерството за труд предлагаат висината на минималецот да се усогласува со вкупниот пораст на индексот на трошоците на живот и со реалниот пораст на бруто домашниот производ за претходната година.

Ваквото усогласување е двојно повисоко од постоечкото со кое висината на минималната плата се усогласуваше со една третина од порастот на просечната плата, една третина со порастот на трошоците на живот и една третина со порастот на БДП. Со новото решение исто така се воведува ограничување на висината на минималната плата, на начин што таа не може да изнесува помалку од 50% од просечната плата во државата,, пишува во барањето што вчера ОРМ го доставило до Министерството за труд и социјала.

Во очекување на исходот од состанокот на економско социјалниот совет на кој единствената точка ќе биде токму минималната плата, синдикатите почнаа протест од каде порачаа дека доколку не бидат прифатени нивните барања, ќе повикаат на генерален штрајк.

Од ОРМ за локално.мк велат дека штрајкот е демократско право на секој незадоволен работник но наместо да се прават калкулации и натегања околу критериумите што ќе се применат, треба да се најде алатка со која ќе се зголеми продуктивноста во државата. Велат резултат од средбата ќе има но прашање е дали сите ќе бидат задоволни од него.

Во овој случај ние сме повеќе од свесни дека сите се наоѓаме во една безизлезна ситуација, работниците мака-мачат да ги покријат своите основни потреби за живот поради поскапување на основните продукти за живот, а работодавачите пак се соочуваат со драстично зголемени цени за електричната енергија, замрзнување на цените на нивните производи, повисоки цени на репроматеријалите. Минималната плата не треба да биде мотив за работа. Сите ние како работници (дури и работодавачите бидејќи и тие се вработени и земаат личен доход ) треба да се стремиме кон поголема продуктивност не само на ниво на компанија, туку продуктивноста во целата економија да ја подигнеме на повисоко ниво.Очекуваме разумот да биде наш двигател во процесот на преговарање. Резултат мора да има, но дали ќе бидеме сите задоволни од него ќе видиме. Да се надеваме дека ќе имаме решение прифатливо за сите три страни, вели Владанка Трајковска од ОРМ.

Според информациите на локално.мк, предлогот на работодавачите ќе биде минималната плата да се зголеми на 16 400 денари.

К.В.С.

Слични содржини