Рамбо Амадеус пријавен во полиција поради наводи за сексуално вознемирување

од Stefanija Kuzmanovska

Продуцентката на ТВ-емисијата „Дневница“ Лејла Кашиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека во понеделникот доцна вечерта, на 13 март, во полиција го пријавила музичарот Антоније Пушиќ, попознат како Рамбо Амадеус, за сексуално вознемирување.

Таа објасни дека не сака да се занимава со детали за случајот во медиумите и на социјалните мрежи, што, како што рече, за неа било крајно трауматично искуство.

„Институциите кои треба да знаат – го знаат текот на настаните и моментот во кој ескалираше. Станува збор за несоодветно и незаконско допирање на интимен дел од телото, пропратено со скептични коментари и на крај негово признание за стореното“, напиша Кашиќ во изјава за РСЕ.

Претходно, УНИЦЕФ во неделата објави дека го суспендира ангажманот со Пушиќ откако Касиќ го обвини за сексуално вознемирување.

„УНИЦЕФ е свесен за обвинувањата против Антоније Пушиќ. Неговиот ангажман со УНИЦЕФ е суспендиран до понатамошно известување. УНИЦЕФ има политика на нулта толеранција кон каква било форма на сексуално несоодветно однесување, бидејќи тоа е спротивно на основните вредности на УНИЦЕФ“, соопшти УНИЦЕФ.

Кашиќ претходно во објава на својот Фејсбук профил изјави дека инцидентот со Пушиќ го пријавила во претставништвото на УНИЦЕФ за Црна Гора, имајќи предвид дека музичарот е амбасадор на добра волја на таа организација.

Таа смета дека Пушиќ е оправдано санкциониран од УНИЦЕФ бидејќи, како што оцени, само брз и навремен одговор на каква било форма на насилство и малтретирање може да спречи „големи трагедии“.

„И тој мој немил случај ќе биде предупредување барем до еден насилник да не прави нешто слично и поддршка на барем една девојка да пријави и да не молчи“, наведе таа.

Слични содржини