Сарацин за уставните измени: Лето на вистината за С. Македонија – нема да има промена на преговарачката рамка

од Nikola Popovski

Време е за решенија, порачал специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин за македонско-бугарските односи. Во интервју за „БНР“ околу изгласаната резолуција на Бундестагот, со кој недвосмислено се потврди македонскиот идентитет, јазик и култура, Сарацин изјавил дека се влегува во клучната фаза од промената на македонскиот Устав.

-Сите сакаме Бугарите да бидат запишани во основниот закон и тоа треба да биде финализирано. Но, за да се случи , парламентот во Скопје мора да има мнозинство. Во нивните посети на Северна Македонија во последните недели и месеци, германските пратеници почувствуваа дека Македонците се загрижени за својот идентитет, јазик и култура. И иако никој во Бугарија не сака ништо да им одземе на Македонците, важно беше Германија да даде знак и да ја увери Северна Македонија дека ќе може да чекори по патот кон членство во ЕУ како Македонци. Но, во исто време, за да ги започнат преговорите за членство, тие мора да го поддржат договорот постигнат пред една година, кој вклучува измени на Уставот, рекол Сараци кој е во посета на Софија.

Информирал дека власта и опозицијата во Германија ги поддржуваат промените во македонскиот Устав.

-Можеби Бугарија е критична кон методите на Берлин, кои ги користиме за да ја постигнеме оваа цел, но ниту еден од одлучувачките политички играчи во Бугарија не ја оспорува крајната цел – прифаќањето на минатогодишниот компромис и изгласувањето на уставните измени уште летово. Мислам дека сега е контрапродуктивно да се критикува бугарската позиција во минатото. Наместо тоа, да нагласам – пред една година постигнавме компромис како да одиме напред заедно. Во оваа одлука учествуваа францускиот претседател, германскиот канцелар, владите на двете земји, но и претседателот Радев и претседателот Пендаровски. Тоа е начинот. Рамката за преговори е наведена. Уставните измени се дел од оваа рамка и тие мора да се гласаат, порачал германскиот пратеник.

Сарацин уште еднаш потенцирал дека следниот период е „лето на вистината“ за нашата земја во однос на тоа дали до крајот на годината ќе ја започнеме Втората меѓувладина конференција и ќе продолжиме со отворање на Поглавјата од преговорите.

-Крајно време е за земјата, но и за ЕУ и исклучително е важно да се има одговор. Нашиот предлог го дадовме пред една година и оттогаш чекаме одговор од Скопје. Нема да има други преговори, ниту друга понуда. Го кажувам секогаш кога сум во Скопје. Можете да ја прифатите оваа понуда или не. Дури и да се појават идеи за нови преговори со Бугарија, ние нема да ги поддржиме. Нема да ја менуваме преговарачката рамка. Во спротивно, тоа ќе се претвори во бескрајни преговори само затоа што некаде има нова влада, предупредил Сарацин во интервјуто за „БНР“.

Слични содржини