СДСМ: „Белиот дворец“ лаже, вработените во СОЗР не биле прикажани како новинари

од Nikola Popovski

СДСМ попладнево соопшти дека последна лага од „Белиот дворец“ е лагата дека шест вработени лица во Службата за општи и заеднички работи на посетата во Бугарија биле прикажани како новинари.

Според владеачката партија, како што информираше СОЗР вработените при посетата во Бугарија присуствувале заради извршување на работни задачи – организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која биле и медиумски претставници, на заедничката седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија.

-Ниту една измислица, ниту една лага нема да ги покрие штетите што ВМРО-ДПМНЕ со блокадите им ги прави на граѓаните, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Арсовски денеска изјави дека Владата на СДСМ предводена од Ковачевски се претвори во туристичка агенција.

-Вработените патуваат на сметка и на конто на државата, ги пуштаат во Бугарија на пат како новинари, а згора на се, од СОЗР и од Владата лажат и демантираат дека тоа не е така, а никаде ама баш никаде не објавија официјални документи за она кое што го тврдат, односно го демантираат, обвини Арсовски.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира и отфрли како дезинформација наводното прикривање на вработени лица во Службата како новинари при посетата во Софија.

-СОЗР информира дека согласно заклучокот од 4-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 20.01.2022 година, Службата е задолжена да ги преземе сите потребни активности и координација во врска со сместувањето и превозот на новинарите кои ќе присуствуваат/известуваат на заедничката седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија, која ќе се одржи, односно од оваа временска точка, веќе одржана на 25 јануари 2022 година, а со вакво задолжение Службата е задолжена врз основа на Одлуката за нејзиното основање, каде се регулирани и уредени нејзините надлежности, соопштија од Владата.

Слични содржини