СДСМ: Германскиот пратеник вчера изјави дека ДПМНЕ е за промена на Уставот и дека знае со сигурност дека сакаат измени

од Nikola Popovski

СДСМ утрово со реакција на вчерашната изјава на пратеникот во германскиот Бундестаг, Питер Бајер. Како што велат од владеачката партија, германскиот пратеник вчера изјави дека „ДПМНЕ е за промена на Уставот и дека знае со сигурност дека ДПМНЕ сака измени на Уставот“.

Од партијата на Димитар Ковачевски забележуваат дека лидерот на опозицијата, „Христијан Мицкоски зборува сосема спротивно од ова пред македонските граѓани и заедно со Николовски јавно велат дека се против уставните измени“.

-Особено што ДПМНЕ е единствена партија која ги блокира уставните измени и членството во ЕУ. На Мицкоски воопшто не може да му се верува. Едно кажува Мицкоски пред македонските граѓаните, друго кажува надвор во Европа и нема став за клучните прашања, велат од „Бихаќка“.

Бајер вчера во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител изјави дека „знае со сигурност дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници“.

Прашан дали и меѓународната заедница ги разбира и прифаќа аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, пратеникот во германскиот Бундестаг вели дека според него она што треба да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да воспостави кредибилитет дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада.

Бајер е во посета на земјава, меѓу другото и да ја даде својата поддршка за сестринската партија на ЦДУ во пресрет на претседателските и парламентарните избори.  Тој вчера имаше средба со Мицкоски, на која било разговарано за изборите и за актуелните состојби во земјава.

Слични содржини