СДСМ ги поднесе законските измени, тврдат дека нема да пораснат платите на функционерите

од Nikola Popovski

Пратеничката група на СДСМ и коалиција поднесоа измени на шест закони, со кои, како што велат, ќе се спречи зголемувањето на платите на функционерите. Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски на денешната прес-конференција соопшти дека со овие законски измени ќе бидат опфатени околу 1. 060 именувани и избрани лица.

Костовски информира дека пратениците на СДСМ поднесоа измени на Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители, Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители и Закон за платите на членовите на судскиот совет и сите по скратена постапка.

-Бидејќи Уставниот суд ја укина фиксната основица ова е единственото уставно решение. Пратеници, министри, директори, градоначалници, судии, обвинители, сите избрани и именувани лица или околу 1.060 лица се опфатени со овие законски измени. Очекуваме поддршка од сите пратеници во македонското Собрание, истакна Костовски придружуван од останатите пратеници на СДСМ.

Бившиот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, седум месеци по стапувањето на сила на одлуката на Уставниот суд со што платите на функционерите рипнаа за 78 проценти, најави дека треба да се најде друго поприфатливо решение за платите.

Од 21 март 2023 година со одлука на Уставниот суд пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми имаат зголемена плата до 78 проценти. Освен министрите, поголеми плати имаат и претседателот на државата, судиите, обвинителите, пратениците, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија.

Слични содржини