Се бара решение за деблокирање на Собранието: Заев утре ќе се сретне со Џафери и Ахмети

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека утре ќе одржи средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, за да се разгледаат можностите како да се одблокира работата на Собранието.

„Да се блокираат законите што живот значат за помош за последиците од пандемијата е навистина неразумно и верувам дека ќе има разумност. Во четврток се пратенички прашања во Собранието. Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието“, рече Заев.

Мицкоски го повтори предлогот на неговата партија – Џафери утре пред седницата за пратенички прашања да закаже посебна седница за гласање само на законите од пакеитте за помош на компаниите и граѓаните.

„Ќе потенцирам уште еднаш, иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и за граѓаните, сепак, истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е отворено барање. Владата и СДСМ да престанат со манипулации и незрело однесување. Граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната влада“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Претседателот на Собранието пред два дена ја откажа собраниската седница предвидена за вчера, бидејќи  Собранието поради двајца пратеници во изолација поради ковид, нема кворум ниту за нова седница, ниту за гласање на веќе разгледаните закони. Џафери рече дека опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба за да му поставува ултиматуми кои тој  нема да ги прифати. За него деловнички е неприфатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи овие 4 закони се дел од дневниот ред на веќе закажаната седница на која има 30 -тина закони. Меѓу нив се и тие од петтиот пакет антикризни меркиза за кои стопанството и експертите се децидни дека мора итно да се донесат за да не страда економијата и граѓаните.

Слични содржини