Шаховска игра пред историската шанса: „Ахмети е вешт, сака да си го зголеми рејтингот кај членството после внатрешните поделби“

од Nikola Popovski

Шаховска игра во пресрет на расправата за уставни измени во Собранието, која е закажана за 18-ти август. ДУИ вчера го повлече својот потег, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски после минатомесечната лидерска средба изјави дека еден од условите за евентуално прифаќање на промени на Уставот е партијата на Ахмети да излезе од власта. Според тоа, министрите и функционерите од ДУИ ги најавија своите оставки, но ги условија со гласањето на опозицијата за внесување на Бугарите во Преамбулата. Сега се очекува потег од ВМРО-ДПМНЕ и нивна реакција на ваквата директна порака.

Ѓунер Исмаил

За дел од домашните политички експерти, вчерашното писмо на Ахмети е нормален чекор во политиката. Според Ѓунер Исмаил, аналитичар и поранешен министер во македонската влада, Ахмети како вешт политичар на политичката сцена ова не го прави сам.

Најверојатно го прави во претходен договор со коалицискиот партнер. Тој нуди привремена, која во шахот се вика „жртва“, која не мора да се ефектуира, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ е ставен пред свршен чин. Ако сакате, ќе добиете избори ако гласате за уставните измени, вели Исмаил за „Локално“.

Според него, ништо нема да се случи ако се повлечат министрите од ДУИ.

Ова е потег што го предизвикува ВМРО-ДПМНЕ јасно да се изјасни – дали е за избори, дециден е Исмаил.

Истакнува дека откажувањето на ДУИ од привремената влада со премиер Албанец, не содржи во себе многу материјал. За Исмаил, тоа е едноставно во постојаните предизборни фолклори.

Кој ќе биде премиер, ќе одлучи гласачкото тело. Никој друг. Бројот на пратеници, кој ќе составува Влада, итн. Премиер така се бира, посочува поранешниот министер.

Зуди Џелили

За поранешниот пратеник Зуди Џелили, ДУИ прави големи напори за компромис. Во разговор за „Локално“, истакнува дека како што еден од условите на ВМРО- ДПМНЕ беше ДУИ да оди во опозиција за евентуално гласање за уставни измени од нивна страна, како што се приближува времето се прават напори за решение, кое смета дека долго време се подготвува зад завеси.

ДУИ со овој потег наводно ќе покажат дека се спремни да се жртвуваат за иднината на државата и сигурно мислат дека ќе го зголемат рејтингот кај албанското членство, посебно по внатрешните поделби што им се случија, вели Џелили.

Според него, ветувањето за премиер Албанец беше само празно ветување,а не сериозно и претставува само за повлекување гласови.

Бидејќи беше празно ветување сега е моментот со повлекувањето и да се оправдаат. Од друга страна ВМРО- ДПМНЕ ако се одлучат да гласаат за уставните измени, пред членството ќе се оправдаат со исполнувањето на нивните услови и ќе се надеваат дека ке имат поголема поддршка на предвремените избори, категоричен е аналитичарот.

Смета дека и двете партии прават тактички потези за политички поени.

Вистината е дека ова историска шанса не смее да се пропушти. Потезите кои се влечат ако се измислени(за партиски поени) нема да им носат многу корист бидејки знаеме дека и меѓународната заедница има голем удел за сите успеси. Јас повеке ги ценам политичките субјекти кои јавно не тактизираат и не калкулираат со големите одлуки што се во корист на државата. Сметам дека во овој случај Алијанса на Албанците и СДСМ без задни намери ја гледат сериозноста на ситуацијата, оценува Џелили.

Н.П.

Слични содржини