Сорос: Коронавирусот ја загрозува нашата цивилизација

од Vladimir Zorba

Пандемијата „Ковид-19“, која целосно го наруши животот на луѓето и наметна различни видови на однесување, е невиден настан и „се заканува за опстанокот на нашата цивилизација“, рече милијардерот Џорџ Сорос во интервју за британски „Индипендент“.

„Имајќи го во предвид искуството на човештвото со пандемиите на заразни болести, што се случија во текот на изминатите векови, зачудувачки е колку беа неподготвени земјите на светот за вакво нешто“, рече Сорос.

На прашањето дали сегашната криза ќе ја промени природата на капитализмот, Сорос одговори дека нема да има враќање на состојбата пред пандемијата и смета дека никој не знае како ќе се развива капитализмот.

Тој изјави дека меѓународната соработка во борбата против коронавирусот е нарушена од конфликтот меѓу САД и Кина околу тоа кој е виновен за неговото појавување, како и од конкуренцијата меѓу земјите за тоа кој ќе биде првиот што ќе ја развие и користи вакцината против Ковид-19.

Посочувајќи ги големите разлики помеѓу демократскиот систем на управување во Соединетите држави од една страна и, како што тврди тој, автократскиот систем во Кина од друга страна, Сорос рече дека, за разлика од некои, тој не е застапник за соработка со Кина, но сочувствува со кинескиот народ.

Трамп би сакал да биде диктатор, но тој не може

Сорос тврди дека народот на Кина е „под доминација на диктаторот, претседателот Си Џинпинг“, дека многу образовани Кинези се лути на таквата состојба и дека јавноста во таа земја сè уште е многу лута на Си затоа што, според Сорос, тој криел долго време дека вирусот се појавил во Кина.

– Си ги укина ограничувањата во форма на времетраењето на претседателските мандати и со тоа во суштина се прогласи за доживотен претседател – рече Сорос, изјавувајќи дека претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така има диктаторски аспирации.

– Доналд Трамп би сакал да биде диктатор, но тој не може, затоа што во Соединетите држави постои Устав што луѓето сè уште го почитуваат, што ќе го спречи да прави одредени работи, но тоа не значи дека нема да се обиде, затоа што буквално се бори за својот живот – смета Сорос.

Тој вели дека верувал дека Трамп ќе се уништи самиотсебе и дека во таа смисла, Претседателот на САД ги надминал своите најхрабри очекувања.

Сорос изрази посебна загриженост за опстанокот на Европската унија, како недовршена и ранлива унија, според него, поранлива од Соединетите држави.

– Заканата за опстанокот на ЕУ како институција заснована врз владеењето на правото е и пресудата на германскиот уставен суд за надлежност на Европската централна банка, донесена и покрај фактот дека Европскиот суд на правдата има приоритет во областите поврзани со ЕУ, вели Сорос.

Тој повтори дека Фондот за опоравувањети на економијата на ЕУ по пандемијата треба да биде изграден со издавање обврзници без рок на достасување.

Слични содржини