Совет на Амбасадори: Бугарија и нанесе неправда на нашата земја

од Vladimir Zorba

Многу пати повторената констатација на Комисијата на ЕУ дека на земјите на Западен Балкан местото им е во Унијата без конкретни резултати е неисполнување на очекуваните обврски на ЕУ со што се нарушува и кредибилитетот на Унијата, оценува Советот на амбасадори на Северна Македонија.

Советот, се вели во соопштението од Извршниот одбор, смета дека институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатира за историски прашања на народите, туку место каде ќе се расправа за продлабочување на пријателството меѓу народите, сеопштиот економски, социјален и културен просперитет, успешната борба против меѓународниот тероризам и искоренување на пандемијата ковид-19.

– Советот оценува дека постои недостаток на соработка и големи разлики во ставовите меѓу политичките чинители во земјата во однос на надминување на овој сериозен политички проблем и треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија на развој на добрососедските односи. Советот на Амбасадори и во оваа прилика ја изразува својата готовност да придонесе во осовременување на стратегијата за дијалог, бидејќи досегашната, по сите параметри, не ги даде очекуваните резултати, се вели во соопштението.

Советот на амбасадори, се вели во соопштението од Извршниот одбор, со големо разочарување ја прими одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија да не препорача одржување на првата меѓувлaдина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ поради натамошното силно и неразбирливо спротивставување на само една земја членка на Унијата, соседна Република Бугарија.

– Советот смета дека ова е една од повеќето неправди што ѝ се нанесени на нашата земја на нејзиниот пат кон евроинтеграциите од нејзиното осамостојување до денес иако земјата секогаш ревносно ги исполнува поставените барања од Унијата во делот на реформите во многу области на живеењето. Советот жали што овој пат Македонија и нејзините досега стабилни добрососедски односи со Бугарија на непримерен начин станаа дел од предизборната кампања во оваа земја членка на Унијата преку барања кои беа во спротивност со европските вредности, стандарди и принципи на дејствување, се вели во соопштението од Советот на Амбасадори.

Слични содржини