Спасовски: Нашето ветување е преговорите со ЕУ да ги завршиме до 2028 година, а до 2030 да имаме полноправно членство

од Nikola Popovski

Коалицијата „За европска иднина“ нуди надеж, наспроти безнадежност, просперитет наспроти зачмаеност во минатото, обединување наместо тензии и комплетна изолација. За таква иднина веќе ги поставивме темелите во претходниот период, трпејќи ги ударите од енергетската, економската и здравствената криза, порача Оливер Спасовски, носителот на листата во Изборната единица 2 од Коалицијата предводена од СДСМ на денешната прес-конференција со која беше означен почетокот на кампањата за парламентарните избори.

За наредните четири години, како што посочи, е проектирана просечна стапка на раст од 5,1 процент, просечната плата да се зголеми за рекордни 500 евра и да достигне до 1.100 евра, а минималната плата да изнесува 600 евра или 37.000 денари. Најави дека ќе иницираат сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство, ќе воведат „0“ проценти данок на личен доход и ќе се обврзат да ја намалат стапката на невработеност од 12 на 7 проценти до 2028 година.

-Од денеска официјално го означуваме стартот на кампањата на коалицијата „За европска иднина“ за овие парламентарни избори на кои предводам листа на кандидати за 2ИЕ. Ова се посебно важни избори. Пред нас е важна задача, а пред народот сериозна одлука – да го определиме правецот на движење на нашата татковина и заеднички да решиме каде ќе се насочиме во наредните четири години и во каква држава сакаме да живееме и каква Македонија ќе им оставиме на идните поколенија, рече Спасовски.

Посочи дека во изминатиот период со „рушењето на режимот“ ја вратиле слободата, спокојот кај граѓаните, се помириле со соседите, ги обновиле старите заборавени пријателства, ги зацврстиле традиционалните стратешки партнерства, ја внесле државата во НАТО, го исправиле патот кон ЕУ.

-При тоа ги зачувавме македонските национални и државни интереси, добивме признати и идентитет и јазик, добивме призната црква, но и многу сојузници и пријатели. Сето тоа е доволен темел за нашето мото „Нема откажување од иднината“, рече Спасовски.

Вети имплементирање на европските стандарди во сите сфери на живеење, повеќе пари, подобар животен стандард, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура, односно, како што кажа, создавање на солидна, просперитетна европска држава во која со задоволство ќе живееме и работиме и ние и идните поколенија.

-Сето ова е реално и достижно и е опфатено во новата програма на СДСМ преку конкретни издржани мерки и проекти. Главната цел ни е доближување на животниот стандард до европскиот и од тоа нема откажување. Тоа не е мислена именка и тоа не е само европски сон. Нашето ветување е преговорите со ЕУ да ги завршиме до 2028 година, а до 2030 година да имаме полноправно членство. Влезот во ЕУ, пак, е гаранција за економски и европски стандард. Тогаш просечната плата веднаш ќе изнесува 1.300 евра,а минималната 800 евра, посочи Спасовски.

Слични содржини