Српски „Блиц“: Македонците „јуришаат“ на вакцинирање во Ниш и Врање

од Nikola Popovski

Македонците „се закануваат“ дека ќе бидат најбројни странци кои биле вакцинирани во Србија. Како што објавува српскиот медиум „Блиц“, нашите граѓани го избираат Врање затоа што по вакцинирањето застануваат да го посетат новоотворениот трговски центар во градот.

Првата вест за вакцинацијата на странски државјани во Србија се појави во Црна Гора. Потоа, хрватската писателка Ведрана Рудан јавно ја пофали примената кинеска вакцина, а сега и Македонци почнаа да доаѓаат, стои во објавениот текст.

Според приказната на еден од вакцинираните Македонци, објавена од „Блиц“, полесно е за оние кои имаат „српски корени“ или презиме кое завршува на „иќ“.

„Тие побрзо добиваат повик“, вели соговорникот на Блиц, кој не сакал да му се објави името затоа што, како што вели, „како и сите други, се плаши дека ова можеби не е добра вест, па да се прекине вакцинирањето странци и тој да остане без втората доза“.

Оние што немаат „српски корени“ купуваат српски телефонски броеви, кои мораат да ги остават кога аплицираат за вакцинацијата.

„Мислам дека сите ние запишуваме која било од понудените вакцини и дека ретко кој бира. Дајте го она што го давате само да бидеме вакцинирани“, вели тој.

Кога ќе купат српски телефонски број, тие се пријавуваат. Според сведочењето од Скопје, чекањето е најмногу три недели, а Македонците ги избираат Бујановац, Ниш и Врање како места за вакцинирање. Сепак, Врање е најатрактивно.

„Откако Лидл се отвори таму, се организираат туристички тури. Преку автобуси до Лидл, тоа е најлесниот начин“,  вели соговорникот за „Блиц“.

Веста за вакцинирање на странски државјани на пунктовите во Србија го постави прашањето зошто странците можат да се вакцинираат во Србија. Меѓутоа, факт е дека на е-управата уште од самиот почеток покрај опцијата за српски државјани, постојат уште две можности; странски државјани што престојуваат во Србија и странски државјани што не престојуваат во Србија. Меѓу досега вакцинираните, покрај граѓани на соседните земји, има и претставници на дипломатскиот кор, компании, што работат во Србија.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, вчера за Танјуг изјави дека странските државјани кои имаат престој во нивната земја можат да се вакцинираат во Србија. На прашањето дали странските државјани можат да се вакцинираат во Србија и каква е постапката, Ѓерлек соопшти дека сите странски државјани кои имаат престој во Србија, како и државјаните на Србија, можат да аплицираат преку е-управата.

„Ќе бидат повикани според местото на живеење да се вакцинираат во најблискиот центар за вакцинација“, рече Ѓерлек по средбата на министерот за здравство со директорите на ковид-болниците.

Според информации на „Блиц“, добиени од Владата на Србија, странските граѓани не плаќаат за вакцината, а досега се вакцинирани помалку од еден процент од вкупниот број, кој е околу четири илјади.

Слични содржини