Српското МВР ја забрани Парадата на гордоста

од Stefanija Kuzmanovska

Српското МВР ја забрани Парадата на гордоста, прошетка во рамките на „Европрајд 2022“ што требаше да се одржи во сабота на 17 септември.

Причината е безбедноста, бидејќи за тој ден е закажан контра митинг и постои опасност од конфликт меѓу двете групи.

Еден од организаторите, Горан Милетиќ, по оваа одлука за „Нова.рс“ истакна дека без разлика на одлуката на МВР „нема да се откаже од прошетката“.

„Во 14:15 часот добивме известување од МВР дека не е дозволена прошетка и во решението е наведено дека причината за забраната е безбедноста. Тоа е се што знаеме во моментов. Нашиот правен тим веќе започна со подготовка на претставка до полиција. Станува збор за првата жалба која се поднесува во рок од 24 часа“, рече Милетиќ.

Претседателот Александар Вучиќ претходно најави дека државата ќе го стопира одржувањето на прошетката поради безбедносни причини, но дека конечната одлука ќе биде донесена 96 часа пред почетокот на прошетката.

Во понеделникот на отворањето на Европрајд организаторите порачаа дека во секој случај ќе шетаат и дека е срамота што државата не им дозволува на граѓаните да ги остварат своите права и слободи.

Претходно во интервју за „Локално“, Милетиќ наведе дека генерално за ситуацијата за правата на ЛГБТ+ луѓето во Србија „насилството и дискриминацијата се клучни проблеми“.

„ЛГБТ луѓето се соочуваат со насилство на многу рана возраст, веќе на училиште и во семејството. Единствена шанса за подобар живот е да се преселите во Белград или Нови Сад, каде што ситуацијата е подобра и каде покрај работата може да се формира и социјален круг во кој човекот ќе може да биде отворен без страв од отфрлање“, истакна Милетиќ за „Локално“.

Слични содржини