Страшна клевета, верниците се растревожени, велат од Бигорскиот манастир по обвинувањата на владиката Петар дека „заведуваат и киднапираат девојчиња“

од Nikola Popovski

Од Бигорскиот манастир денеска се огласија со реакција после сериозните обвинувања на митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, кој вчера изјави во манастирот „се заведуваат и киднапираат девојчиња“. Појаснуваат дека до нив стигнале бројни пораки на растревожени верници и граѓани коишто се огорчени од телевизискиот настап на владиката Петар.

-Ние не сме во личен конфликт со никого, но го задржуваме правото кога сме неосновано нападнати, поради очигледна индиспонираност, да реагираме. Мораме веднаш да ја отфрлиме оваа страшна клевета, за која дури ни е тешко да поверуваме дека излегува од устата на еден архиереј на Црквата. Реалноста е сосема спротивна од кажувањата на владиката. Широко познато е дека нашите манастири се отворени за јавноста и секогаш достапни за органите на власта и безбедноста, така што во секое време може да биде проверена и потврдена невистинитоста на оваа клевета. Впрочем, сите жители и присутни во нашите манастири се наоѓаат во нив доброволно, без принуда, по свој сопствен избор и волја и можат во секое време слободно да ги напуштат доколку сакаат, бидејќи манастирите немаат и не сакаат да имаат инструменти и механизми за принудно задржување на луѓето. Што се однесува, пак, до монасите, монахињите и кандидатите за монаштво, сите тие се полнолетни личности коишто по своја слободна волја пристапиле кон монашкиот живот и тоа можат да го посведочат во секое време, посочуваат од Бигорскиот манастир.

Владиката Петар изнесе тврдење дека монасите во манастирот биле биле виновни за тоа што тој бил неколку пати уапсен од македонската и од австралиската полиција, по што од Бигорски информираат дека „оваа нелогична изјава завршува со чудниот заклучок дека ние имаме такво силно влијание што го контролираме полицискиот апарат на две држави, матичната и една прекуокеанска“.

-Да не беше искажана со таква сериозност од еден висок претставник на црковниот клир, ваквата изјава ќе беше навистина комична, но за жал, сега е трагична. Се прашуваме, ако сме толку моќни, зошто владиката ја има оваа слобода да говори толку и така негативно и невистинито?, прашуваат од манастирот преку реакција.

 

Слични содржини