Судење за „Ласкарци“: Вештакот Зекири повторно не дојде

од Nikola Popovski

Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Ласкарци“ за автобуската несреќа што се случи пред четири години a во која загинаа 16 лица и повеќе од 30 беа повредени.

По две одложувања на процесот, поради болест на вештото лице Зекирија Зекири, кој и денеска не се појави, судењето продолжи со испитување на останатите вештаци од тимот што го изготвил машинското супервештачење.

При испитувањето на вештото лице Јованка Савова, обвинителот посочи на неколку грешки во супервештачењето за кои вештото лице рече дека станува збор за грешки од техничка природа.

Најголемиот дел од прашањата се однесуваа на системот за сопирање и процентот на неговата ефикасност за успорување.

По барање на вештите лица, поради замор, и јавниот обвинител, како што рече, „поради неподнослива атмосфера во судницата“, Судечкиот совет ја прекина расправата. Следното рочиште е насрочено за 21 февруари.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.

За несреќата кај Ласкарци, што се случи на автопатот Скопје-Тетово на 13 февруари 2019 година, во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, обвинети се Дурмиш Белули, газда на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски. Тие се обвинети за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

Слични содржини