Сугарески: Црниот понеделник беше кулминација на режимот

од Aleksandar Todeski

Насилно исфрлање на пратеници од пленарната сала, а потоа и новинарите од галеријата, од каде се следат седниците на Собранието е сликата која сите ја паметат за 24 декември 2012 година. Владејачкото мнозинство го носеше буџетот за 2013 година, кој го изгласа откако претходно одлучи ниту еден од тогаш опозициските пратеници од СДСМ и коалицијата да не присуствуваат, а ги немаше ниту новинарите, бидејќи и тие не добија дозвола за следење на хаотичната седница.

Се влечеа пратеници, се носеа на раце, а имаше и такви кои на крајот завршија со полесни повреди. Ништо не беше различно и кај новинарите, кои беа влечени од галеријата со цел да има што помалку видео записи од најсрамната седница во историјата на државата.

Тогашниот пратеник од СДСМ, актуелен министер за транспорт и врски, Горан Сугарески во изјава за Локално ја коментираше седницата на која тој и неговите колеги за првпат доживеаја физички удар од власта тогаш предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како опозиција тогаш сугериравме за режимот, што заврши со исфрлањето на пратеници и новинари. Тоа беше кулминација на режимот, а подоцна бомбите и случувањата на 27 април го докажаа тоа. Еве гледате како сега се функционира, се дозволуваат амандмани, се прифаќаат дел од амандманите. Иако тогашниот деловник на Собранието не беше таков, сепак тогашната власт насилнички го донесе буџетот“, рече Сугарески.

Тогашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, кој го нареди отстранувањето на новинарите се правдаше дека се обидувал да ги заштити новинарите, бидејќи настанал хаос во пленарната сала, иако влезот во салата каде што седат пратениците и галеријата, од каде новинарите ја следат седницата е на различен спрат. Иако имаше обид да се спречат новинарите да изнесат видео материјали од случувањата, не се успеа во обидот, бидејќи дел од нив ги споделија првите застрашувачки глетки од она што требаше да биде нормална собраниска седница.

Случувањата не беа мирни ниту надвор од Собранието, каде во моментот се случуваа протести предводени од тогашниот прв опозиционер Бранко Црвенковски, но и контрапротести, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, со полициски кордони помеѓу групите со цел да не ескалираат протестите. И додека пратениците и новинарите беа влечени и тепани, а надвор одвај се воведуваше ред помеѓу групите кои протестираа, тогашното владејачко мнозинство го донесе буџетот кој го предложи екс министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Црниот 24 декември освен во новинарските текстови, ќе остане запишан и во изданието на Фондацијата Отворено општество, во кое на 224 страници детално е одбележан еден од најцрните денови за демократијата, кој знаедно со крвавиот четврток ќе останат запишани во македонската понова историја.

Александар Тодески

Слични содржини