Таравари: ДУИ е најблиска со Србија

од Nikola Popovski

Недоразбирањата на косовскиот премиер Албин Курти со официјален Вашингтон нема да влијаат на нашите односи со САД, изјавил вчера претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател на Македонија, Арбен Таравари.

На прашањето за изјавата на високиот американски дипломат Габриел Ескобар, кој го изразил своето разочарување од владата на Курти во Косово, односно како тоа разочарување ќе влијае на албанската здружена опозиција во Македонија, Таравари одговорил дека нивните односи како заедничка коалиција со сите амбасади се „фантастични“.

„Имаме фантастични односи со сите амбасади на сите земји лоцирани во Македонија. Ќе продолжиме нашите односи да бидат такви. Не знам какви недоразбирања има во Косово. Сепак, господинот Курти има огромно влијание во Македонија, тој е прототип на чесен и некорумпиран политичар. Ако има таков на Западен Балкан, мислам дека Курти е најдобар пример за тоа“, рекол Таравари, пренесува „Kosovo online“.

Реагирајќи на обвинувањата на ДУИ дека здружената албанска опозиција во земјава е под руско влијание, тој одговорил дека таквите наводи се нелогични.

„Ако има некој што е близок до Србија, конкретно од албанските партии, мислам дека ДУИ е најблиска од сите. Не верувам дека некоја друга албанска партија има врски со Србија. Затоа, овие наводи се неосновани и нелогични“, порачал Таравари на прес-конференција.

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека има „многу разочарување“ од косовската Влада на Самоопределување, „не само во Вашингтон, туку и во Брисел, Рим, Берлин и Париз“.

Слични содржини