Тасева: Нефункционалноста на системот ги обесхрабрува вработените да пријават корупција

од Ивана Рамаданова

Поради нефункционалноста на системот, вработените се уште не се охрабрени да пријавуваат случаи на корупција или други незаконитости во работењето, изјави претседателката на  Транспаренси Интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева, на денешната обука насловена како „Улогата на укажувачите во борбата против корупцијата“.

Тасева потенцираше дека според согледувањата, се уште не заживеал системот и механизмот за заштита на укажувачите на корупција, затоа што се уште недоволно се прави од страна на институциите од приватниот и државниот сектор.

„Тие треба да обезбедат услови за безбедно пријавување од страна на укажувачите и понатаму да спроведе целата постапка на начин што нема да се загрозат укажувачите и тие да не трпат последици од било каков вид заради тоа што го укажале. Ниту еден пример до сега немаме позитивен. Се уште имаме многу укажувања за укажувачи кои имаат последици, укажувачи кои водат постапкиво суд заради тоа што имале последици од пријавувањето, претрпеле мобинг или биле распоредени на други работни места и друг тип на последици“, рече Тасева.

Иако законот за укажувачи го имаме од ноември 2015 година,  Таева  вели дека до сега требаше сите институции да востановат лица за пријавување и да спроведат услови на спроведување постапка доверлива онака како што е предвидена со закон.

„Сметам дека треба да се зајакне соработката меѓу институциите ако сакаме ефикасност од било кој дел од системот за борба против корупцијата и криминалот, дали е тоа кривично-правната заштита, превентивата или пак заштита на укажувачите“, додаде Тасева.

Според претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска, до формирањето на Комисијата немало ниту една пријава.

„Иако законот за укажувачи е донесен во 2015-та,  до сега, односно до формирањето на ова Комисија нема ниту една пријава. Оттогаш до сега веќе се стигнати 18 пријави и тоа е охрабрувачка бројка од кои шест пријави се веќе со своја завршница. Иако процесот е бавен, сепак поради тоа што постои голема недоверба на граѓаните во институциите тие не се охрабруваат така лесно да пријават, односно да укажат некакви незаконити дејства“, вели Ивановска.

И.Р.

ФОТО. Борче Поповски

 

Слични содржини