ЦЕП: Европскиот парламент праќа сериозна опомена дека ЕУ може да ги прекине или замрзне преговорите со Србија

од Nikola Popovski

Втората најбројна пратеничка група во Европскиот парламент преку својот официјален Твитер профил се огласи и го осуди потпишувањето на министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ и неговиот руски колега Сергеј Лавров на Планот за консултации на министерствата за надворешни работи на Србија и Русија за следните две години. Социјалдемократите го осудија потегот на српското Министерство за надворешни работи, кој во последните денови предизвика бројни негативни реакции, особено кај претставниците на Европската унија. „ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку не ги почитува санкциите на ЕУ врз Русија. Тоа ќе го кажеме во претстојниот извештај на Парламентот за проширувањето“, наведоа социјалдемократите.

Дали на Србија навистина ѝ се заканува прекин или замрзнување на преговорите со ЕУ, во разговор за „Локално“ ни одговорија од Центар за европски политики (ЦЕП) во Белград. Од таму нагласуваат дека Европскиот парламент ќе го разгледува амандманот, со кој би се испратило најсилна и најостра порака до Србија дека е неопходно да се усогласи со заедничката надворешна политика на ЕУ кога е во прашање Русија.

Центар за европска политика – Белград

-Со тоа ЕП доколку го усвои во ноември, сака да испрати порака дека Србија мора да се придржува до своите обврски кон постепено усогласување, кои ги презеде во 2014 година, кога ги отворивме пристапните преговори, вели Страхиња Суботиќ, програмски менаџер и виш истражувач во ЦЕП.

Според него, капката што ја прелеа чашата беше Планот за консултации што српскиот шеф на дипломатијата Никола Селаковиќ го потпиша со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

-Иако се работи за технички договор во наредните две години, самиот факт дека било каква соработка се потпишува со Русија во моментов, не само што не придонесува за заедничката надворешна политика на ЕУ, туку е спротивност со духот и целите на сите активности што ЕУ ги презема за да ја ограничи моќта на Русија во Украина. Во тој поглед, Русија се наоѓа на една раскрсница и мора сериозно да го земе во обзир, тоа што Европскиот парламент го препорачува, потенцираат од ЦЕП.

Иако ЕП од правна гледна точка, вели Суботиќ, нема можности за да ги прекине преговорите на ЕУ со Србија, фактот дека праќаат вакви пораки кон официјален Белград околу усогласувањето на санкциите треба да биде опомена дека ЕУ во некоја блиска иднина може да размисли за уште поостар тон и потенцијално преземање одредени мерки, како би ги замрзнала или одземала одредени придобивки кои ги има Србија со преговорите.

-Тие де факто може да престанат да ги отвораат и затвораат кластерите со Србија. Тоа не би било новост. Имаат право да размислат за прекинување на преговорите, како некој вид нуклеарна опција, што би довело се што Србија направила досега од 2008 година па наваму. Тоа се однесува на статусот кандидат за членство во ЕУ, визна либерализација, пристап до фондовите, а да не зборуваме за тоа дека имаме најголема трговска размена со ЕУ и дека фирмите од земјите-членки се мошне активни во Србија и позитивно придонесуваат за српската економија, констатира Суботиќ.

Тој оценува дека ова што ЕП го прави е сериозна опомена за нив, бидејќи земјите-членки ќе го земаат во предвид тоа им го препорачува Парламентот.

-Ова е почеток и ЕУ има уште средства на располагање доколку Србија делува на еден деконструктивен начин кога е во прашање надворешната политика, порачуваат од српскиот Центар за европски политики.

Сергеј Лавров и Никола Селаковиќ Фото: Танјуг/Раде Прелиќ

Минатиот петок, српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ потпиша договор со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Њујорк за „консултации“ меѓу двете министерства за прашања од надворешната политика, откако рускиот претседател Владимир Путин најави мобилизација на руски граѓани за војната во Украина и на денот кога започна референдумот за присоединување на окупираните делови на Украина кон Русија.

Политичката група на социјалисти и демократи во Европскиот парламент потоа се коригира и предложи да се прифати нивниот амандман во извештајот на ЕП за проширувањето на Унијата, во кој се наведува дека Србија може да напредува во преговорите за пристапување во Унијата само доколку воведе санкции кон Русија и ја усогласи нејзината надворешната политика со европската.

Амандманот вели дека приоритет треба да се даде на усогласувањето на земјите-кандидати со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и напредокот во пристапните преговори со Србија само доколку земјата ги почитува санкциите на ЕУ против Русија и постигне значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ. Ја покани Србија да се придржува кон рестриктивните мерки на ЕУ и политиката на ЕУ кон Русија воопшто и да покаже напредок во демократијата, владеењето на правото и да ги прифати вредностите и приоритетите на Унијата, се вели во амандманот.

Н.П.

Слични содржини