Украинците бомбардирале руски баталјон, тврдат загинале над 1000 војници (ФОТО)

од Nikola Popovski

Инцидент го открива притисокот со кој се соочуваат руските команданти за да постигнат напредок во регионот на Луганск.

При преминувањето на реката Северен Доњецк, во близина на Северодонецк во источна Украина, Русија наводно го изгубила речиси целиот свој баталјон. Украинските сили соопштија дека извршиле напад за да ги спречат руските сили да ја преминат реката, пренесува Би-Би-Си.

Британската воена разузнавачка служба извести дека рускиот баталјон ги загубил речиси сите оклопни возила кога украинските сили ги гранатирале привремените пловечки мостови што ги користеле руските сили.

Украинските власти велат дека повеќе од 1.000 војници можеле да бидат убиени во нападот, но тој број не е потврден и останува нејасно кога точно се случил нападот.

Украинското Министерство за одбрана објави на социјалните мрежи слики и снимки од местото на настанот на кои се гледаат изгорени тенкови долж брегот на реката, како и уништени мостови.

Министерството за одбрана на Велика Британија вели дека инцидентот го открива притисокот со кој се соочуваат руските команданти за да постигнат напредок во регионот Луганск.

Но, руските сили се чини дека напредуваат на друго место – со извештаи дека го освоиле блискиот град Рубижне, што би значело дека важниот град Северодонецк сега е опколен од три страни.

Доколку руските сили ја преземат контролата, би добиле бројни премини преку реката.

Русија се уште не ги коментирала извештаите за нападот.

Слични содржини