Усвоен дневниот ред на стотата седница

од Stefanija Kuzmanovska

Собранието денеска едногласно со 54 гласа „за” го усвои дневниот ред на 100-тата седница. Претходно пратениците, исто така едногласно, со по 54 гласа „за” одлучија да се прифати предлогот на Владата по скратена постапка да се разгледаат првите две точки од дневниот ред на седницата.

Согласно утврдениот дневен ред, на 100-тата седница има пет точки на дневен ред од кои првата е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административни такси, по скратена постапка.

Втора точка на дневниот ред ќе биде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај ЕБОР по договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 2, по скратена постапка.

Трета точка ќе биде Годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2022 година, четврта – Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, во прво читање и петта точка – Предлог-законот за нуспроизводи од животинско потекло.

Како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери по усвојувањето на дневниот ред, 100-тата седница ќе продолжи утре во 12 часот. Тој посочи дека законодавниот дом денеска во 14 часот ќе го одржи продолжението на 99-тата седница ,чија прва точка на дневен ред е верификација на мандат на нов пратеник.

Слични содржини