Вакцината на AstraZeneca може да биде готова за употреба кон крајот на декември

од Vladimir Zorba

Извршниот директор на фармацевтскиот гигант AstraZeneca објави дека вакцината против коронавирус може да биде готова за употреба кон крајот на декември и дека се чека одобрување.

„Регулаторите постојано работат со нашите податоци. Ако тие се брзи, можеме да започнеме да вакцинираме луѓе во јануари, можеби и кон крајот на декември“, рече Паскал Сорио, цитиран од шведскиот весник „Dagens Nyheter“.

Англо-шведскиот производител на лекови, во соработка со британскиот универзитет во Оксфорд, развиваат вакцина против коронавирус, а нивната работа е една од најперспективните во трката за лек против пандемијата „Ковид-19“.

„Можеби никогаш нема да заработиме пари (со таа вакцина), никој не знае колку често ќе мора да вакцинираме“, рече Сорио, објаснувајќи: „Ако вакцината е многу ефикасна и ако ги штити луѓето многу години и болеста исчезнува, тогаш нема да има пазари. Сепак, многу експерти веруваат дека ќе биде потребна повторна вакцинација. Ако ова треба да се прави секоја година, тогаш можеме да заработуваме пари за вакцината од 2022 година“, заклучи Сорио.

Вакцината влезе во третата фаза од испитувањето во септември, кое мораше привремено да се прекине поради здравствените проблеми на еден волонтер во Велика Британија, но подоцна беше продолжено.

Европската унија, САД, Велика Британија, Јапонија и Бразил ги потпишаа првите договори со AstraZeneca за испорака на вакцини доколку бидат одобрени.

Слични содржини