Вакцината на „Модерна“ нема да биде достапна до изборите во САД

од Vladimir Zorba

Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ нема да бара итно овластување за својата вакцина против коронавирусот сè до претседателските избори во САД, изјави директорот на компанијата Стефан Бансел за „Фајненшл тајмс“

Тоа е удар врз надежите на сегашниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе има подготвена вакцина пред изборите на 3 ноември, со цел неговата кампања да го добие толку посакуваниот поттик.

„На 25 ноември ќе имаме доволно информации за итно одобрување, кои можеме да ги испратиме до Администрацијата за храна и лекови [ФДА] – ако се претпостави дека доказите за безбедност се добри, односно дека вакцината е безбедна“, изјави Банчел пред новинарите.

Трамп, чија поддршка се намали поради неговото управување со кризата КОВИД-19, постојано даваше до знаење дека вакцината може да биде готова до изборите на 3 ноември.

Ова ги загрижи експертите дека администрацијата на Трамп може да се обиде да се меша во процесот на контрола на развојот на вакцините од политички причини.

Трамп го повтори своето тврдење за подготвеност на вакцината пред изборите во вторникот вечерта, за време на дебатата со демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.

Вакцината на „Модерна“ е една од 11-те експериментални вакцини против коронавирус во последните испитувања.

Друга вакцина во развој е од „Фајзер“, чиј директор Алберт Бурла изјави дека неговата компанија може да има јасен одговор до октомври дали нивната вакцина ќе функционира пред изборите.

Повеќето експерти се скептични во врска со тврдењето, сметајќи дека тековното тестирање нема да има доволно статистички податоци за да се докаже безбедноста и ефикасноста на лекот до тој момент.

Во вторникот во интервју за Вашингтон пост, Бурла негираше дека се обидел да му се приближи на претседателот со изјавата за вакцината.

„За мене, денот на изборите е обичен ден. Крајот на октомври е обичен ден. Така работиме. Ако можеме да ја претставиме вакцината порано, ќе го сториме тоа”, рече тој.

Слични содржини