Вештачката интелигенција ќе загрози речиси една третина од работните места во развиените земји

од Stefanija Kuzmanovska

38-члената Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) соопшти дека повеќе од четвртина од работните места ќе се потпираат на вештини кои лесно би можеле да се автоматизираат во претстојната револуција на вештачката интелигенција. ОЕЦД ги собира главно развиените и земјите во развој.

Има малку докази дека појавата на вештачката интелигенција има значително влијание врз работните места досега, но тоа можеби е затоа што револуцијата е во рана фаза, велат од ОЕЦД.

Работните места кои се изложени на најголем ризик од автоматизација сочинуваат во просек 27 отсто од работната сила во земјите на ОЕЦД, при што земјите од Источна Европа се најизложени, објави организацијата со седиште во Париз во своите Перспективи за вработување за 2023 година.

Најризичните работни места се дефинирани како оние кои користат повеќе од 25 од 100-те вештини и способности за кои експертите за вештачка интелигенција веруваат дека можат лесно да се автоматизираат.

Тројца од пет работници стравуваат дека би можеле да ги загубат своите работни места поради вештачката интелигенција во следните 10 години, откри ОЕЦД во минатогодишното истражување. Истражувањето опфати 5.300 работници во 2.000 компании кои покриваат производство и финансии во седум земји на ОЕЦД.

Истражувањето беше спроведено пред експлозивната појава на генеративната вештачка интелигенција како ChatGPT.

И покрај вознемиреноста за појавата на вештачката интелигенција, две третини од работниците кои веќе работат со неа велат дека автоматизацијата ги направила нивните работни места помалку опасни или заморни.

„Како вештачката интелигенција на крајот ќе влијае на работниците на работното место и дали придобивките ги надминуваат ризиците ќе зависи од активностите што ќе ги преземеме“, рече на прес-конференција генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман.

 

„Владите мора да им помогнат на работниците да се подготват за промените и да ги искористат можностите што ќе ги донесе вештачката интелигенција“, продолжи тој.

Минималните плати и колективното договарање би можеле да помогнат да се намали притисокот што вештачката интелигенција може да го изврши врз платите, додека владите и регулаторите мора да обезбедат дека правата на работниците не се загрозени, велат од ОЕЦД.

Слични содржини