Весковски ќе поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ за клевета

од Берта Китинска

Генералниот директор на „ЈП Водовод и канализација“, Душко Весковски, на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за реконструкцијата на улицата Варшавска.

Директорот истакна дека целокупната документација за оваа јавна набавка веднаш ја става на располагање на надлежните органи, а воедно ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување и тужба за клевета.
„Хронолошки со приложена документација во целост на јавноста ви ја прикажувам законски спроведената јавна набавка:

Број 1 – Предметната јавна набавка е започната во 2019 година по што е склучена рамковна спогодба со 5 најреномирани фирми од областа на нискоградбата во државата.

Број 2 – Во месец Јули од Општина Карпош е издадено одобрение за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа.

Број 3 – По добиеното одобрение е започната постапка за негативно аукциско наддавање, на која учествувале сите 5 фирми. Како најповолен понудувач е избрана посочената фирма КБК инжинеринг по повеќекратно намалување на почетната цена. Ниту во тој момент а ниту до ден денес ниту еден од учесниците во јавната набавка не вложил жалба на спроведената јавна набавка.

Број 4 – По завршената негативна аукција на 09.10.2020 година склучен е договор со посочената фирма по што истата е воведена во работа. На 30.10.2020 година завршена е реконструкцијата на канализационата мрежа а на 25.12.2020 година е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа. За изведените градежни работи уредно се водени градежни дневници и книги, потпишани од овластен надзор и техничко лице. Во прилог ви ја доставувам на увид градежната документација“, рече Весковски.

Слични содржини