ВО ГЕРМАНИЈА ЖЕНИТЕ ИМААТ 400 ЕВРА ПОМАЛКУ ОД МАЖИТЕ: „Ситуацијата мора да се промени“

од Vladimir Zorba

Во Германија, жените ја оценуваат својата финансиска состојба како лоша почесто од мажите. 32 отсто од учесниците во истражувањето на Здружението на германски банки (BdB) ги опишале своите финансии како „не многу добри“ или „лоши“, во споредба со 27 отсто од мажите, пренесува германската новинска агенција (dpa).

Разликата е продлабочена од минатата година кога 28 отсто од жените и 26 отсто од мажите се пожалиле на „беспарица“. Истражувањето покажало дека жените сега имаат во просек 400 евра помалку од мажите.

Затоа, жените можат да заштедат помалку, а само една од две, 49 отсто од нив, велат дека се чувствуваат безбедно кога размислуваат за староста. Кај мажите, 55 отсто не се грижат за иднината.

„Таквата ситуација мора да се промени“, рече директорот на BdB Хајнер Херкенхоф во четвртокот.

Економијата и политичарите, додаде, мора да направат повеќе за да создадат подобри основни услови за вработените жени, но и да ги подобрат нивните можности кога ќе се пензионираат.

Во истражувањето, 45 отсто од жените и 55 отсто од мажите изјавиле дека редовно ставаат пари на страна. Жените поседуваат и значително помалку акции и други хартии од вредност од мажите, во сооднос од 25 до 42 отсто.

Повеќе од 1.000 луѓе во Германија учествуваа во истражувањето Infas quo Nürnberg за BdB во првите недели од февруари.

Слични содржини