Во Софија незадоволни од Резолуцијата во американскиот Сенат за Македонија: „Скопје го користи Вашингтон против Бугарија, Радев треба да разговара со Бајден“

од Nikola Popovski

Дел од бугарските аналитичари и експерти се загрижени поради предложената Резолуција во американскиот Сенат со која треба да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Некои одат дотаму што бараат бугарскиот претседател Румен Радев да реагира и да побара средба со американскиот претседател Џо Бајден.

Бугарскиот професор Спас Ташев од Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките, вели дека минатата година македонско-бугарската емиграција стана многу активна и изнесе многу аргументи, „при што Скопје ги препозна слабостите и сега е повторно во офанзива, со овогодинешната нацрт-резолуција“.

Многу е важно Бугарија да може да реагира на таквото барање. Наша слабост е што при поднесување проект до американскиот Сенат мора да има став на бугарскиот парламент. Минатата година упативме апел до сите политички сили застапени во парламентот, но за жал немаше реакција од нашето Народно собрание. Во најмала рака, парламентарната Комисија за пријателство со САД треба да оди во американскиот Сенат и да ги укаже сите невистини и дека тоа е, сепак, наметнување на комунистичка пропаганда. Затоа што испаѓа дека и Америка тврди дека е демократска земја и дека ќе прифати комунистички фалсификати, рекол Ташев за бугарски „Труд“.

Верува дека претседателот Радев ќе може да разговара со својот американски колега, бидејќи како што истакнува, барем досега покажа дека тоа е механизмот со кој успеваме да блокираме дел од нападите.

На пример, се сеќаваме како Скопје дури и преку американски сенатори тврдеше дека Бугарија е пречка за македонските евроинтеграции и тогаш претседателот Радев успеа да му објасни на Џо Бајден дека тоа не се вистинити работи, тој го посочи проблемот со човековите права. и откако се случи овој разговор, не видов силен американски притисок врз Бугарија да ја смени својата позиција. Очигледно е дека разговорот претседател-претседател дава резултати и убеден сум дека Радев ќе ја исполни оваа функција. Одделно, ние како невладини и македонско-бугарските организации во САД допрва ќе преземаме акција, порачал Ташев.

Со сличен став е и дипломатот и поранешен заменик-министер за надворешни работи на Бугарија, Љубомир Ќучуков. Според него, силното македонско лоби, кое отсекогаш постоело во Канада, Австралија и донекаде и во САД, се активира на позадината на заострените билатерални односи меѓу Бугарија и РСМ.

Претседателите на Македонија и Србија, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ заедно ја прославија годишнината од Илинденското востание. И тоа во голема мера е последица на нашата политика, бидејќи отворивме огромен простор за антибугарски чувства, што соодветно отвора можности за просрпските. И тие ги користат.

 

„Ветото“ што го наметнавме за членството на Македонија во ЕУ целосно функционираше во полза на македонизмот. Македонизмот како создавање на нов идентитет отсекогаш бил државна политика на Југославија, па на Македонија. Тоа е идеолошка доктрина која работи со умот на луѓето. И од државна идеологија ја претворивме во јавен став, ја загубивме битката за свеста на граѓаните. Откако го потпишавме договорот за добрососедство во 2017 година, еден и пол отсто од Македонците ја сметаа Бугарија за непријател. По наметнувањето на таканареченото вето во 2019 година, процентите станаа 23, изјавил Ќучуков за бугарскиот медиум „Труд“.

Септември 2023 година да се прогласи за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци, се предлага во резолуцијата што во Сенатот на САД ја претстави републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон. Треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Иницијативата за резолуцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Слични содржини