Заев: До крајот на мандатот минималната плата ја креваме на 20.000 денари

од Берта Китинска

Во изминатите две и пол години, СДСМ во целост го реализираше концептот Парите назад кај граѓаните со што се зголеми животниот стандард и куповната моќ на нашите граѓани.Концептот „Парите кај граѓаните“ е концепт во кој силно веруваме и тоа ќе го покажеме во следниот мандат, парите уште повеќе ќе завршуваат кај граѓаните, рече во изјава претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„До крајот на мандатот минималната плата ја креваме на 20.000 денари. Тоа е за дури 120% повеќе од минималната плата од 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година“, нагласи тој.

Како што рече Заев, со СДСМ платите во сите сектори ќе растат уште повеќе.

„Просечната плата до крајот на мандатот ќе ја кренеме на 34.000 денари. Истовремено со раст на платите ќе растат и пензиите. Најниските пензии ќе ги покачиме за најмалку 21%“, порача претседателот на СДСМ.

Најави и дека проектот Мој ДДВ ќе продолжи и во следните 4 години.

„Прагот за месечен поврат на ДДВ го креваме од 600 на 800 денари месечно. Тоа значи 2.400 денари на квартално ниво, тоа значи 9.600 денари на годишно ниво. Тоа е приход плус во секое семејство, екстра пари кои ќе се вратат назад во економијата. Нудиме модел што ги штити работните места на граѓаните, генерира повисоки плати и подобри работни места и обезбедува повеќе пари во секое семејство“, истакна Заев и повика на 15 јули оваа програма да добие силна поддршка бидејќи, како што кажа, обезбедува повеќе пари кај секој граѓанин.

Слични содржини