Заев: За спорот со Бугарија се одлучува во Скопје или Софија, а не во Брисел или Вашингтон

од Nikola Popovski

Се согласувам дека прашањата треба да се решаваат билатерално во Скопје или Софија, рече денес премиерот Зоран Заев. Тој ја коментираше изјавата на претседателот на Бугарија Румен Раден дека политиката на Софија кон Скопје зависи од отворен и конструктивен дијалог меѓу двете земји.

-Многу често претседателот Радев вели дека за тоа не се одлучува во Брисел или Вашингтон, и јас се согласувам со него, за тоа се одлучува во Скопје или Софија, билатерално. Пријателите кои не охрабруваат да најдеме решение се добредојдени. Мислам дека на работниот состанок на 17 јуни разговаравме за сите детали што се важни и за нашата и за бугарската страна. Останува надежта дека ќе се формира Бугарскиот парламент и, пред сè, ќе се формира политичка влада, која ќе ја предводи извршната власт во Република Бугарија, бидејќи прашањето е адресирано до Брисел преку владата и верувам дека имплементацијата на патоказот ќе започне многу брзо, со што ќе доведе до просперитет за граѓаните на двете земји во различни области “, истакна премиерот.

На 11 јули, претседателот Румен Радев рече дека политиката на Бугарија кон Македонија не зависи од тоа која влада е на власт, зависи од тоа да има отворен конструктивен дијалог и тој се спроведува во еден од двата главни града – Софија или Скопје, а не во Брисел, Париз и Берлин.

-Очекуваме нашите пријатели и браќа од РСМ сами да ја отстранат блокадата, оваа блокада не е наша. Очекуваме вистински неповратни одржливи резултати во нашите односи. Очекуваме да се сменат учебниците, спомениците со нивните натписи, музеите, јавните медиуми за да можеме да го искорениме говорот на омраза. Очекуваме јасни и одлучни активности од вас, рече Радев како одговор на прашање од македонските медиуми.

Зоран Заев појасни дека неговата желба е да се формира влада на Бугарија поврзана со потребите на бугарските граѓани, како и затоа што по повторените парламентарни избори се очекува чекор кон решавање на проблемот.

Во врска со изјавата на Слави Трифонов за „северномакедонец во вселената“, тој одговори дека владата нема да реагира на зборовите на претседателот на која било политичка сила, но доколку е потребно, тоа ќе се случи.

„Ние сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски“, рече Заев.

„Очекувам да се коригира, бидејќи сепак е политичката партија која доби најголема поддршка од граѓаните на Бугарија и наша должност е да градиме пријателство и да оставиме добри односи од кои ќе бидат од корист идните генерации“, истакна Заев.

Слични содржини