Затворена модуларната болница во Прилеп поради заштеда на трошоците за струја

од Nikola Popovski

Во Прилеп се затвори модуларната болница и 22 пациенти се префрлени на инфективното одделение.

Според Кети Смилеска, директор на Општа болница со проширена надлежност, ова е за заштеда на трошоците за електрична енергија.

– Инфективното одделение со капацитет од 36 легла е празно. Бидејќи е поврзано со централното греење, а во модуларната загревањето е со клима уреди, решивме поради заштеда, а и подобро да им се обрне внимание на хоспитализираните пациенти, да ги префрлиме на инфективното. Од 22 хоспитализирани, 21 пациент е на кислородна поддршка. Не очекуваме голема експанзија за хоспитализација, особено што со месеци бројката на хоспитализирани е околу 20 пациенти. Во хоспитализираните има и вакцинирани и невакцинирани, само што вакцинираните се со полесна клиничка слика. Затоа останува апелот за вакцинација, вели Смилеска.

Сите одделенија во болницата функционираат вообичаено со програма на оперативни зафати.

За епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, ковид-ситуацијата во градот се смета за стабилна, како и во училиштата кои го завршуваат првото полугодие.

– Намален е неделниот број на новозаразени. Сега се 150-тина за една недела, што значи намалување на бројката која е во благ пад. Инаку, во Прилеп се активни 350 случаи. Се прават многу тестови. Не е регистриран омикрон сојот. Ситуацијата се смета за стабилна, како што е и во училиштата, вели епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од Центарот за јавно здравје.

Слични содржини