Жители на Трубарево, Петровец и Кочани шетале место да седат во изолација – им се закануваат парични казни

од Берта Китинска

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесени кривични пријави, до Основниот кривичен суд Скопје достави четири предлози за издавање казнен налог против лица обвинети за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Четворицата обвинети, од кои тројца жители на Трубарево и еден на Петровец, влегле во земјава на граничниот премин Табановце на 16, 17 и 18 март, доаѓајќи од различни земји со висок/среден ризик за ширење на епидемијата на опасна заразна болест предизвикана од вирусот Ковид-19. При влезот тие прифатиле и потпишале изјава дека ќе останат во задолжителна самоизолација во нивните домови во период од 14 дена, но на 18 март, при извршена проверка од страна на овластени полициски службеници, не биле затекнати во нивните домови.

Надлежните јавни обвинители кои постапуваат во предметите побараа од судот да им изрече парична казна на обвинетите во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во вредност од 20 евра во денарска противвредност​.

Воедно Основното јавно обвинителство Кочани, поднесе предлог за издавање казнен налог за лице кое сторило кривичното дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од кочанското обвинителство.

-За време на пандемија прогласена од Светската здравствена организација, не постапил согласно прописите, мерките и наредбите за сузбивање и спречување на заразната болест Ковид 19 донесени од надлежните органи. Обвинетиот на 16 март се вратил од земја со висок ризик од зараза, при што на граничниот премин кон Република Северна Македонија бил запознаен со обврската за самоизолација за која потпишал и изјава. Но, на 18 март го напуштил домот и дошол во ОВР Кочани, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Поради стореното кривично дело, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, на судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина на 100 дневни глоби од по 20 евра во денарска противвредност.

Слични содржини