Борис Џонсон негира дека планирал „пуч“ за британската премиерка

од desk2

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон денеска ги негираше наводите дека има намера да ја симне од позиција премиерката Тереза Меј, чија Конзервативна партија го изгуби парламентарното мнозинство.

Џонсон, еден од водечките политичари на Конзервативната партија, наведе на Твитер дека новинскиот напис за негово преземање на премиерската позиција од тереза Меј е бесмислен.

„Jа поддржувам Тереза Меј. Ајде да продолжиме да работиме“, напиша Џонсон.

Тереза Меј меѓутоа, прави напори да постигне договор со една партија од Северна Ирска за поддршка на нејзината влада.
Поранешниот министер за финансии Џорџ Озборн, кој е разрешен од должноста минатата година, ја нарече Меј „мртовец кој оди“, а лидерот на опозицијата Џереми Корбин рече дека е подготвен на нови избори во кое било време.

Тереза Меј се надеваше дека ќе ја зајакне партијата на одржаните парламентарни избори и ќе има одврзани раце да преговара за „тврд“ Брегзит со ЕУ.

Меѓутоа, конзервативците на Меј освоија 318 места во парламентот и иако се најсилна партија немаат потребно мнозинство од 326 места. Лабуристите ги надмашија очекувањата и освоија 262 места.

Многу високи претставници на Конзервативната партија сметаат дека Меј за сега, треба да остане премиерка поради зачувување на стабилноста, иако поединци наведуваат дека нема да може да остане на позицијата повеќе од неколку месеци.
Преговорите за Брегзит треба да почнат на 19 јуни, една година по референдумот за излегување на Британија од ЕУ.

Слични содржини