Хан: Новата Влада треба да биде доследна на европската перспектива

од Vladimir Zorba

Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели, истакнал претседателот Иванов на средбата со еврокомесарот Хан утрово. Како што соопштија од Кабинетот на Иванов, тој и Хан потенцирале дека е неопходно што поскоро да се формира Влада, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици.

Еврокомесарот Хан истакнал дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на Влада посветена на европските интеграции. Хан го запознал Иванов и за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, и истакнал дека новата Влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на европската иднина на земјата.

“Македонскиот претседател на средбата со Хан истакна дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Воедно, Претседателот истакна дека очекува од новата Влада да има два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија”, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Иванов изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји и укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Македонија.

 

Слични содржини