Текстот е првично објавен на англиски јазик на Balkans in Europe Policy Blog на Центарот за европски студии при Универзитетот во Грац, Австрија

Автори се Љупчо Петковски и Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование
На 31 Јануари 2015 година, премиерот Никола Груевски објави дека државните институции го гонат г-дин Зоран Заев, лидерот на опозицискиот СДСМ, и тоа за шпионажа и насилство врз претставници на највисоките државни власти со цел насилно рушење на уставниот поредок.

Груевски тврдеше дека оддржал четири состаноци со Заев во периодот помеѓу септември и ноември 2014 година, на кои Заев настојувал за формирање на техничка влада со закани дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба, добил снимени телефонски разговори на речиси целиот државен врв , почнувајќи од Претседателот на државата, Парламентот, Владата, медиумите и други политички јавни личности од Владата и опозицијата.

Освен тоа што се потруди да го спаси имиџот на државата и државните службеници,
Груевски на излагањето не направи сериозен осврт на содржината на контроверзните материјали, освен што призна дека некои од нив се вистинити, а останатите делумно вистинити односно целосно фабрикувани.

Наместо тоа, од одбрана на уставниот поредок Груевски премина кон националистички говор, кој воедно е стил со кој тој често се служи кога ја брани државната позиција во спорот за името со Грција. За да ги зацврсти слаби аргументи во однос на обвинувањата против Заев, тој истакна дека за сè што зборува има силни и несоборливи докази.

Заев одговори со прес-конференција, во сала преполна со партиски функционери и поддржувачи. Во еуфоричениот говор тој ги отфрли обвинувањата и потврди дека има докази за тоа дека тајните служби ги следеле и снимале комуникациите на илјадници граѓани. Тој тврдеше дека неговите аргументи се доволно силни за да ги докажат врските помеѓу полицијата, судството и владеачките политички партии.

Натаму, додаде дека информациите кои ги поседува не се од странски тајни служби, туку од искрени патриоти и поединци од државниот апарат. Одговарајќи на обвинувањата за „уцена“, тој ја потсети јавноста дека неговото барање за формирање на техничка влада е јавно уште од денот кога неговата партија одлучи да го делегимитизира изборниот процес во април 2014 година. Конечно, тој ја повика меѓународната заедница внимателно да го следи процесот, бидејќи –како што кажа-Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ.

Бомбата на Заев

Историјатот на конфликтот помеѓу овие двајца политичари започнува во април 2014 година, кога владата организираше едни од најконтроверзните изборни процеси во историјата. Вечерта по изборите, Заев се изјасни дека неговата партија ги отфрла резултатите од двојното гласање, тврдејќи дека изборите не биле фер.

Како резултат на тоа, неговата коалиција одлучи да го бојкотира парламентот и достави пет клучни барања до Владата за нормализирање на политичкиот дијалог, од кои најважното се однесуваше формирање на техничка влада со цел спроведување на фер избори. Извештајот на ОБСЕ / ОДИХР од набљудувањето на изборите дојде до слични заклучоци во однос на недостатоците и на општата атмосфера на изборниот процес.

Веднаш по избувнувањето на политичката криза, ЕУ понуди посредување, што декларативно беше прифатено од двете страни. Сепак, тоа не доведе до обновување на дијалогот и видливи резултати. Од септември 2014 година, медиумите известија за само една официјална средба помеѓу Заев и Груевски, по што неколку месеци кружеа гласини дека се одвиваат тајни преговори.

Во октомври 2014 година, Заев најави дека неговата партија поседува голем број на документи и материјали, кои не содржат докази само за криминални активности и обвинувања против владините претставници, туку вклучуваат и чувствителни податоци што можат да ги нарушат меѓуетничките односи.

Тензиите и очекувањата од “бомбата на Заев” се зголемуваа со текот на времето и достигнаа кулминација на 25ти јануари, кога полицијата го уапси поранешниот директор на разузнавачката агенција, Зоран Верушевски. Министерството за внатрешни работи објави дека Верушевски, заедно со две други лица се обвинети дека биле дел од група предводена од Заев.

Растечката репресија и политичкиот дијалог што вреди како тоалетна хартија

Обвинувањата против Заев не треба да се третира како одделен инцидент, туку како логична последица на серијата конфликтни настани кои се одвиваа во земјата во текот на изминатите неколку години.

Велија Рамковски, медиумски магнат и сопственик на најмоќната телевизија во земјата А1 како и на три дневни весници, кои променија страна о започнаа отворено ја критикува Владата во последните неколку години, беше уапсен под обвинение за затајување на данок во 2010 година.

Сите негови медиуми беа затворени во средината на 2011 година. По победата на парламентарните избори во јуни 2011 година, во очигледен обид да се заплаши секоја потенцијална опозиција, владата започнува со одмазничка кампања против нејзините критичари, која вклучуваше неколку апсења, нанесување штета на интересите на бизнисите како и лустрацијата на противниците.

На 24 декември 2012 година, сите пратениците од опозицијата и како и новинарите беа насилно отстранети од просториите на Собранието од страна на специјални полициски сили.

Инцидентот познат како “црниот понеделник” се случи откако опозицијата поднесе повеќе од илјада амандмани за Законот за буџетите со јасна, но процедурално законска цел да го одложи донесувањето на овој закон. Опозицијата одлучи да го бојкотира парламентот и се закани дека нема да учествува на претстојните локални избори, доколку власта во исто време не распише и парламентарните избори.

По притисокот врз партиските лидери од страна на Штефан Фуле, тогашниот комесар за проширување на ЕУ, беше договорен компромис. СДСМ се согласија да ги номинираат свои кандидати на изборите, додека владеачката ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе го поддржи формирањето на повеќепартиска Анкетната комисија со мандат на расчистување на настаните од 24 декември.

По неколку месеци на преговори кои личеа на ТВ сапуница, Анкетната комисија утврди дека отстранувањето на пратениците од Собранието е неуставно. Сепак, Илија Димовски, претставникот на ВМРО ДПМНЕ во оваа Комисија, го намали значењето на овој документ, истакнувајќи дека правните квалификации од извештајот имаа вредност како тоалетна хартија од седиштето на СДСМ. Толку за политичкиот дијалог.

Европската трампа на демократијата за стабилност

Во своето првично соопштение во врска со обвинувањата против Заев, Европската служба за надворешно дејствување потсети на неотуѓивото право на независна и транспарентна истрага, повторувајќи ја својата загриженост во врска со влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Набљудувачите беа изненадени од оваа изјава, опишувајќи ја како неадекватна, слаба и без допир со реалноста.

Сепак, доколку одблизу го погледнеме развојот на односитепомеѓу Македонија и ЕУ, ќе откриеме дека реториката на официјалните претставници на ЕУ постепено омекнува уште од октомври 2011 година, кога Филе навести можност Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговорите за членство, доколку ако реформите не се третираат соодветно.

Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) меѓу Македонија и ЕУ започна на 15 март 2012 година. ПДВН имаше за цел да внесе нова динамика во блокираниот ЕУ интегративниот процес. ПДВН не успеа да испорача резултати, а критичарите го квалификуваат како административно штиклирање на списоците доставени од Брисел, со многу форма, но без никаква суштина.

Оттогаш, критиките во реториката на ЕУ се несразмерни со реалната ситуација. Официјалните претставници на ЕУ се задоволија со фактот што Груевски седна на иста маса со нив, без оглед на содржината на дискусиите. Груевски беше среќен што ова му овозможи да покаже успех етикетирајќи ги критиките за растечкиот авторитаризам како неосновани. Овој брак од интерес ги замолчи и најгласните поборници за ЕУ интеграциите во Македонија.

Поправање на начнатиот кредибилитетот

Кредибилитетот на ЕУ во Македонија е серизно нарушен поради две различни причини. Националистите и конзервативците ја обвинуваат ЕУ за двојни стандарди, бидејќи не е подготвена да ја принуди Грција да има покооперативна позиција кога станува збор за решавање на спорот за името. Либералите го обвинуваат за правење ‘трампа’ помеѓу вредностите за кои ЕУ се залага и стабилностa.

Ако крајната цел на европската политика кон Македонија е да се обезбеди стабилност, без оглед то каква би била цената за тоа, тогаш таа има конкурент во Русија – нејзиното Министерство за надворешни работи ги коментираше обвинувањата против Заев и ги повика македонските власти да обезбедат стабилност и безбедност. Прецизните набљудувачи не може да се сетат кога последен пат официјална Русија коментарила политички случувања во Македонија.

Политичката криза во Македонија нe може да биде решена на фер и институционален начин, затоа што институциите многупати досега не испорачаа непристрасни и праведни резултати. Наивно е да се вели дека независноста на државните институции сега ќе биде под тест, како што изјави евроамбасадорот во Македонија, особено имајќи го предвид последниот извештај за напредокот на Македонија во кој беше истакнат големиот степен на исполитизираноста на институциите.

Ако ЕУ е подготвена замижува пред авторитарните практики, тогаш треба тоа јасно и гласно да го каже, со што ќе ги направат политички избори на македонските граѓани многу полесни. Оттука, ЕУ треба да го избегнува “двојниот говор” и јасно да стави на знаење за што всушност се залага. Ова е за доброто на сопствениот кредибилитет, спроведувањето во пракса на иновативниот пристап за нагласување на темелните вредности како предуслов за евроинтеграцијата, и демократијата на Балканот./ТВ НОва

Слични содржини