Натпревар кој е подобар правник, а кој е поголем „криминалец“ – од избор на претседател на Собранието ниту трага

од desk2

И денешното, десетто продолжение на конститутивната седница на Собранието, мина во аргументирање и контрааргументирање дали треба или не да се стави на дневен ред на седницата предлогот од 10 пратеници на СДСМ поднесен во четвртокот, наместо за актуелната 3-та точка, да се оди на четвртата точка – избор на претседател на парламентот.

Претседавачот Трајко Вељаноски во 18 часот ја прекина седницата и нејзиното 11. продолжение го најави за утре во 11 часот.

Острите спротивставувања и дофрлувања од место не стивнаа и по двете паузи. Со куп процедурални забелешки и неколку реплики, во сала во која отсуствуваа повеќето пратениците од албанските партии, седницата во најголемиот дел се сведе на толкувања на членовите 78, 80 и 65 од Деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека уште трае претресот на третата точка.

Како и во претходните седници, противничките табори на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си испраќаа обвинувања за „заштита на криминалци“ и за „заканување со СЈО“. Иако имаше неколку апели дискусијата да се води на ниво, сепак изобилуваа зборовите „криминал“ и „криминалци“.

Петре Шилегов и Стефан Богоев од СДСМ забележаа дека седницата трае предолго оти пратениците од противничкиот табор прават се за да ја закочат работата на Собранието за да „ги спасат криминалците од врвот на партијата“.

На спротивставувањата од претседавачот на седницата, Трајко Вељаноски, дека седницата се води според Деловникот и дека не може да се прекине претресот за да се смени дневниот ред Шилегов цитираше записници од претходни седници, на кои, како што рече тој, токму тоа се случувало. Вељаноски порача дека не станува збор за исти случаи.

Шилегов потенцираше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ прават правно насилство и терор на парламентарно малцинство врз парламентарно мнозинство, на што  Вељаноски реплицираше дека СДСМ прави политички терор со процедурални забелешки веќе два дена.

Освен многуте споменувања на правниците на едната и другата партија во многуте процедурални забелешки, излагањата беа проследени со дофрлувања од место./Мета

Слични содржини