Со 23 гласови „за“ и 59 „против“, Собранието пред полноќ не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за здравство Никола Тодоров поднесена од пратениците од опозицијата, кои бараа негова оставка.Пратениците на власта застанаа зад Тодоров.

todorov-sobranie

Седницата се одвиваше скоро 12 часа, со повеќе паузи, а низ целиот ден пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваа и обвинуваа меѓусебно.

Всушност тоа беше целодневно „аргументирање “ меѓу власта и опозицијата и во средина  министерот за здравство и неговата работа. Во собранието опозицијата бара тој да поднесе оставка поради потезите кои ги влече во овој сектор, а за кои велат дека завршуваат со човечки жртви. Тодоров се брани тврдејќи дека спроведува успешни реформи во здравството.

Опозиционерите бараа разрешување на Тодоров поради, како што рекоа, повеќе смртни случаи во здавството, несоодветно и нестручно управување и системски пропусти. Од собраниската говорница како негативни беа споменати случаите со младата велешанка Тамара, починатата родилка од Гевгелија, жените од Шутка, проектот „Мој термин“,  отруениот пациент од Битола, пијаните анестеолози, заминувањето на 700 доктори од земјава…

Наспроти нив , пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бранејќи го  Тодоров, оценуваат дека   интерпелацијата е партиска и неоснована. Посочија дека се инвестира во реконструкција и изградба на здравствени објекти, за набавка на современа медицинска опрема, споменати беа низа проекти, мерки за намалување на цените на лековите и сл. Меѓу другото, аргументираа против интерпелацијата со државната кардиохирургија, детската кардиохирургија, реконструкцијата на „8 Септември“, проектите „Домашна визита“, „Рурален доктор“, со поливалентните вакцини…

Истовремено пред законодавниот дом, граѓани и активисти со маски, транспаренти и протест искажуваа револт , со повици за  оставка -„ ТодорOFF“

Слични содржини