Никогаш поблиску до решение, германска поддршка за ЕУ и НАТО

од Vladimir Zorba

  Спорот за името со Грција и пораките што ги упати германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Берлин беа во фокусот на интерес на домашната и на грчката јавност и медиуми.

Меркел излезе со став дека спорот меѓу Македонија и Грција за името е досега најблиску до решение, треба да биде затворен, но оти каков било притисок нема да влијае позитивно врз процесот.

– Спорот меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, притисокот во преговорите не носи корист. Имам впечаток дека двете страни по долго време имаат интерес за решавање на спорот. Тоа е добар предуслов, рече Меркел, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на средбата со Заев се разговарало за спорот со Грција и дали истото прашање било тема на вчерашниот телефонски разговор со Алексис Ципрас.

Изрази задоволство што има придвижување во преговорите оценивајќи дека во изминатите 10 години решението не било толку блиску, како што е сега и оти би било извонредно доколку двете страни успеат да ги премостат препреките. Канцеларката напомена дека и двете страни се однесуваат одговорно во обновените преговори и оти и Грција и Македонија знаат што можат да дадат за да се постигне компромис.

– Компромисите се секогаш болни, но и неопходни. Тоа е дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку зад затворени врати. Верувам дека јавните изјави повеќе може да му наштетат, отколку да му користат на процесот, додаде германската канцеларка.

Премиерот Заев од своја страна се заблагодари за силната поддршка од Германија за стратешките определби на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и посочи дека Македонската Влада е решена да ги решава проблемите со соседите и да развива регионална соработка.

– Добивме силна поддршка од германската страна за нашите стратешки определби, влез во ЕУ и НАТО. Нам ни останува да продолжиме со реформите и со решавање на спорот со Грција. Тоа се тешки прашања, но ние ќе најдеме решение, во кое ќе ги вклучиме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе се прашаат и граѓаните, рече Заев.

Инаку, канцеларката Меркел, ден пред посетата на премиерот Заев на Берлин, имаше телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас  со кој меѓу другото разговарале и за прашањето за името, потвдија од кабинетот на Ципрас. Според грчки медиуми, двајцата договориле да се сретнат денеска во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

Според аналитичарите, оваа активност на официјален Берлин на релација Скопје – Атина е охрабрувачки сигнал и потврда на заинтересираноста на меѓународната заедница за конечно затворање на спорот за името, кој оди во прилог на добососедските односи и регионланата и европската стабилност и безбедност.

Слични содржини