Пратеничките групи главна грижа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ?!

од desk4

Главна грижа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе му бидат пратеничките групи, особено затоа што дел од пратениците беа против неговиот избор.

Дали ќе им се удри од глава формирањето на десет пратенички групи, што беше направено со цел да имаат право на подолги дискусии?

Илија Димовски и Антонио Милошоски, кои јавно се спротивставија на изборот на Мицкоски, се и координатори на пратенички групи, оттаму и аналитичарите сметаат дека внатрешната консолидација ќе биде неопходна иако ќе оди тешко, информира Телма.

Гаџовски смета дека и 52-те неважечки ливчиња на конгресот, се опомена за новиот претседател.

Веројатно и самиот Мицкоски е свесен за проблемот со пратеничките групи, па затоа и први се најдоа на списокот на благодарници на крајот од обраќањето на конгресот.

Изборот на Мицкоски денеска прв го поздрави поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, со поддршка и одобрување на социјалните мрежи.

Од СДСМ, пак, порачаа дека, очекуваат новото раководство да покаже одговорност за интересите на државата.

Честитки на твитер стигнаа и од Европската народна партија.

Новиот претседател го почна мандатот од струмичката црква „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“. Таму запали свеќи, се поклони и побара мир и спокојство. Мицкоски на оваа позиција доаѓа од местото генерален секретар на партијата. Претходно беше генерален директор на ЕЛЕМ и професор на Машинскиот факултет при УКИМ. Во 2001 година е избран за најдобар дипломиран студент на Машинскиот факултет во Скопје. Магистрирал и докторирал на универзитети во Германија и Италија, бил и визитинг професор на Техничкиот универзитет во Виена, а има и преку 100 научни трудови.

Слични содржини