Се проширува ли тимот за преговори со Грција?

од desk4

Се остваруваат ли најавите на премиерот Заев за проширување на преговарачкиот тим за спорот со името со Грција? Тој уште пред десетина денови најави дека му верувал на преговарачот Наумовски  поради искуството, но дека тимот треба да биде зајакнат со дополнителни членови. За овие планови се разговарало и со претседателот Иванов да се создаде еден преговарачки тим, а на Васко Наумовски да му се приклучат уште еден или двајца преговарачи.

 Иако во последниот период низ јавноста ротираше веста дека ќе биде сменет досегашниот преговарач за името Васко Наумовски , кој беше поставен од претходната политичка гарнитура, сепак тој останува на својата позиција. За неговото разрешување согласност треба да даде и шефот на државата.
 Дали дополнителниот преговарачки состав ќе делува заедно со Наумовски или ќе биде во позадина како поддршка, останува да видиме. Како и дали новиот тим во проширен состав ќе делува во првата фаза на преговорите или ќе се надополни како поддршка во наредниот период од преговорите.
 Она што е јасно е дека за конечно решение главната улога нема да ја имаат преговарачите, туку министерот за надворешни работи, премиерот и претседателот, односно државниот врв.
 Во меѓувреме на 11 и 12 декември во Брисел се закажани средбите со медијаторот Нимиц, на која не се очекува да се донесе конкретен предлог. Познавачите велат дека очекувањата на оваа средба да се случат поголеми придвижувања се мали, а разговорите за ново име се премногу амбициозни.

Слични содржини