Сите обвиненија на СЈО- Интегрално!

од desk2

Изјава од прес – конференцијата на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

29.06.2017, – Скопје,  Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани на Република Македонија,

Би сакала да го потенцирам исклучителното значење кое го има денешниот настан, особено заради тоа што ја имам можноста со Вас да споделам дел од резултатите кои ги постигнавме досега, а се рефлектирани во обвиненијата кои заедно со обезбедените докази имате можност да ги видите пред Вас.

Специјалното јавно обвинителство, кое од почетокот па се до денес доследно го почитува начелото на транспаретност, од истото нема да отстапи ниту денес од причини што се работи за јавниот интерес кој претставува една од највисоките цели, па несомнено, сметам дека имаме обврска Вас, присутните претставници на медиумите и на целокупната јавност, да ѝ овозможиме увид во она што претставува видлива потврда на работата на ова Јавно обвинителство.

Иако на јавноста и е добро познато дека Законот со кој беше формирано Специјалното јавно обвинителство беше донесен на 15 септември 2015 година, ова Јавно обвинителство фактички работи само 10 месеци. Оттука, денешните обвиненија се резултат на истрајноста на мојот тим на обвинители зад мене и на целокупниот тим на Специјалното јавно обвинителство кој, не штедејќи се во целиот овој изминат период, бескомпромисно се даде себе си во напорите за создавање на неопходните услови за владеење на правото и обезбедување еднаквост на граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите. И затоа им благодарам за заложбата, посветеноста и истрајноста. Уште повеќе, им благодарам на граѓаните на Република Македонија за довербата која ми ја дадоа мене и на мојот тим, како и за независноста, професионалноста и кредибилитетот кои ги препознаа во оваа институција.

На сите Ви е добро познат проблемот кој го создава членот 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство, а на кој јас во континуитет укажував. Сепак и покрај тоа што не се направија обиди за изнаоѓање на соодветно законско решение со кое би се овозможиле услови ова Јавно обвинителство да има законски рокови во кои ќе постапува во согласност со Законот за кривична постапка, ние сепак до денес успеавме да ги поднесеме сите обвиненија за кои сметавме дека се обезбедени цврсти докази, што во бројка претставува 17 обвиненија за 18 предмети, против вкупно 94 физички и 7 правни лица.

При тоа, на сериозноста и обемноста на превземените дејствија во овие предмети евидентно упатува и фактот што се работи за сериозни злоупотреби на институционалните капацитети, како од страна на поединци така и од страна на организирани групи, злоупотреба на службените положби и овластувања, но и злоупотреби на законските постапки за јавни набавки. И покрај неопходноста од постоење на соодветен временски период за истражување и превземање на потребните дејствија за докажување на ваков вид на кривични дела, резултатите од 10 месечната работа се рефлектирани пред Вас, а се состојат во прибавување на навистина обемна документација и доказен материјал, опсежни и сѐопфатни материјални докази, употреба на меѓународната правна помош во предметите, како и обезбедување на неопходните вештачења. Сето погоре наведено несомнено укажува на оправданоста на обвиненијата зад чие докажување ние цврсто ќе застанеме пред судот.

Она за што исто така би сакала да ја информирам јавноста, а сметам дека е од интерес за граѓаните на Република Македонија е предметот познат под името ТАЛИР, кој го истражува начинот на кој незаконски се финансирала една политичка партија во Република Македонија, а која истрага ќе продолжи и во претстојниот период.

За предметот “ТАЛИР” истражната постапка беше отворена пред нешто повеќе од 1 месец. Во рамки на предистражната и истражната постапка, како што веќе детално ја информиравме јавноста, беа превземени огромен број на дејствија во поткрепа на основаното сомнение за сторени кривични дела. Сепак, временските рокови кои нѝ беа ставени на располагање не дозволија превземање на истражни дејствија како резултат на кој истражната постапка би можела да се заврши. Покрај тоа, сериозноста, обемноста и сложеноста на предметот кој се истражува, како и незаконските дејствија за кои постои основано сомневање дека се сторени сѐ уште постојат и упатуваат на потребата од натамошно спроведување на истрагата, за која по превземање на сите неопходни дејствија ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде информирана.

Несомнено дека поднесувањето на овие обвиненија и работата која ја сработивме до денес претставува само еден чекор поблиску до исполнување на мандатот кој му е доделен на Специјалното јавно обвинителство во интерес на граѓаните на Република Македонија. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија.

Во оваа прилика сакам да ја уверам јавноста дека ниту денешниот ден, ниту 30 јуни, не менува ништо во фактот што ова Јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети.

(Презентацијата на податоци и факти од прес – конференцијата може да ја превземете тука)

 

СТАТИСТИЧКИ-ПОДАТОЦИ-ОБВИНЕНИЈА-29.06.2017 (1)

Слични содржини