Тачан: Има подготвеност за реформи, да се најде решение за името

од desk2

Помошник генералениот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Илдем Тачан, кој престојува во посета на Македонија, гледа одлучност кај Владата за спроведување голем број реформи и порачува дека интензивното темпо на политичкиот процес ќе обезбеди високи стандарди кои ќе ја доведат државата поблиску до членството во НАТО. За поканата за членство, истакнува, се важни и реформите, но и заемно прифатливо решение за името.


– Продолжуваме да ја поддржуваме вашата држава на патот за зачленување во Алијасната. Како и за сите земји аспиранти важно е да се остане фокусиран на реформската агенда и да се обезбеди политичка стабилност. Сите мои средби се потврда на фактот дека има политичка волја и мило ми е што го знам тоа, рече Тачан на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Амбасадорот Тачан ја повторил поддршката од НАТО за Македонија, искажана и на средбата на генералниот секретар Јенс Столтенберг со премиерот Зоран Заев. Ја пренел, како што рече, поддршката и благодарноста од НАТО за посветеноста и ентузијазмот за реформи што ја покажува македонската Влада.

– Ги охрабрив сите соговорници колку што може повеќе во овој политички процес да одржат интензивно темпо затоа што тоа е потребно да се обезбедат високи стандарди кои ќе ја доведат вашата земја поблиску до членството во НАТО, рече Тачан.

Според него, регионалната соработка е од фундаментално значење за решевање на отворените прашања со соседите.
– Со играње активна улога во иницијативите како што е Британската повелба веќе станувате де факто обезбедувач на стабилност и безбедност. Мило ми е што гледам напори кај Владата да се справи со тешките прашања од минатото и да ги реши со сериозноста којашто ја заслужуваат, наведе претставникот на НАТО.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на отстранувањето на пречките за членството на Македонија во НАТО истакна дека е важно наоѓање заемно прифатливо решение за името, но и дека во декларацијата од Варшавскиот самит исто така се зборува и за важноста на реформите.

– Имаме стандардни постапки за комплетирањето на пристапувањето кон НАТО. Поканата за членство на земја кандидат се суди според сите критериуми што се вметнати во таа декларација, рече Тачан. Она што треба да го видиме, појасни, е постигнување заемно прифатливо решение меѓу вклучените страни.

Министерот Димитров рече дека се договориле да работат заедно на зголемување на видливоста на Македонија во НАТО.
– Јасно е дека не чека многу работа и дома, но и заедно со НАТО за да го надоместиме изгубеното време и да ја вратиме Македонија на патот на сигурно интегрирање во Алијансата, рече Димитров. Нагласи дека го уверил амбасадорот оти новата Влада ќе ги удвои реформските напори и дека активно работи на отстранување на сите пречки или на некој начин зададени задачи од самитот на Алијансата во Варшава. Во таа насока е и спроведувањето на Акцискиот план на членство, наскоро го завршуваме 17.циклус и го почнуваме 18-от. На ова поле ќе помогне многу и планот 3-6-9 на Владата, посочи министерот Димитров.

Слични содржини